Пораст на претставките за дури 71, 6 % повеќе во споредба со 2020- та година бележи годишниот извештај на Народниот правобранител.
Најголемиот број претставки за повреда на правата на детето се однесуваат на инклузија на децата со попреченост во образовниот процес.
„За жал и натаму огромен број основни училишта се непристапни за децата со попреченост, недоволно поддржувачка инклузивна клима во училиштата, недостаток на помагала, дидактички наставни методи и материјали. Недоволно застапено разумното прилагодување согласно индивидуалните потреби на детето, несензибилизиран наставен кадар, недоволно обучен наставен кадар за работа со деца со попреченост“ – изјави Васка Бајрамовска – Мустафа, државен советник во канцеларијата на народниот правобранител.
За родителите на деца со попреченост меѓу еден од најголемите проблеми е недостигот на конкретни насоки на надлежните институции во однос на модифицираната програма и некомплетност на инклузивните тимови.
„Кога сме кај асистенција личната асистенција не е доволна, односно и образовната асистенција не е доволна. Имаме ученици каде е потребна комбинирана асистенција и часовите за кои се ангажирани се многу малку. Значи можеби 4 часа дневно се ангажирани асистентите, а потребата е најмалку 6 часа дневно“ – вели Коцева Стојчески.
Во учебната 2021/2022 МОН за првпат ја воведе образовната асистенција како системско решение и беа предвидени 500 асистенти, додека личните асистенти се се обезбедуваат преку Министерството за труд и социјална политика.
За ваквите ситуации да бидат надминати потребно е подобрување на самата комуникација меѓу родителите на децата со попреченост и надлежните министерства, смета Коцева Стојчески.
Нина Стефанова