Економија Магазин

Во „Треска“ е предвидена ниска катност од 16 метри според ДУП од 2012-та

Согласно информациите од Општина Центар, конкретниот урбанистички план за опфатот на поранешната фабрика Треска е донесен во 2012 година и предвидува изградба на згради со височина од најмногу приземје со 5 ката и поткровје, а во дел и приземје со 4 ката и поткровје, во класична блоковска распореденост.

Токму ваков е и планот на самите сопствениците на приватните парцели на оваа локација, меѓутоа во јавноста циркулираа голем број информации, голем дел од нив и невистини, во врска со можниот изглед на планираниот комплекс, односно дека просторот таму ќе се бетонира и ќе има облакодери.

Всушност се работи за максимална висина која нема да надмине вкупно 16 метри, што е сосема спротивно на досегашните шпекулации во јавноста.

Во рамки на конкурсот спроведен од претходната локална самоуправа на Центар, во јавноста беа презентирани идејни решенија коишто се надвор од урбанистичките регулативи и параметрите кои ги дозволува важечкиот ДУП. Истите решенија веќе се објавени во јавноста на веб-страницата на Општина Центар, а сè уште се достапни на линкот: https://marh.mk/izvestaj/

Наведено е дека прворангираниот концепт од идејните решенија е оформен од пет полуотворени станбени блокови со комбинирана катност од приземје + 4 ката, но и до приземје + 8 ката, што е 3 ката над дозволената висина согласно актуелниот ДУП.

Второрангираното решение предвидува станбени блокови со приземје + 6 ката и станбени кули со 17 ката, додека треторангираното  конкурсно решение предвидува вертикален елемент кула од 71 метар со намена хотел.

Урбанистички можеби висината не е единствениот параметар кој се гледа, но сепак понудените конкурсните решенија излегуваат од важечката регулатива, наспроти планот на сопствениците на градежните парцели, кои ветуваат ниска градба, со многу зеленило и јавни површини.

Она што е реалната слика, согласно најавите од сопствениците на парцелите на поранешната фабрика Треска, е дека е предвидена изградба на комплекс од вкупно 6 блока, при што најмалиот е со вкупна површина од околу 3900 м2, додека најголемиот 8920 м2, и кај сите 6 блокови се предвидува голема површина на зеленило како партерно уредување.

Важно е да се потенцира дека актуелниот ДУП од 2012 година, на оваа површина предвидува само 5% зеленило, меѓутоа инвеститорите тврдат дека предвидуваат и повеќе од законскиот минимум од 20%, или вкупно 8.200 м2 зелена површина како партерно уредување во рамки на блоковите. Дополнително предвидена е и изградба на јавен парк со вкупна површина од 9.474 м2.

На овој начин, вкупното зеленило предвидено за просторот во Треска достигнува близу 18.000 м2, што е значително над минимумот кој го наложува новиот Закон за урбано зеленило.

Каков ќе биде исходот и што точно ќе биде изградено на оваа локација, јавноста ќе дознае наскоро. Но, оваа локација, која сега е мини депонија во сред Центар, мора да се реши и урбанизира.

Впрочем, урбанизација и конечно решение за „Треска“ бараат и жителите од околните згради затоа што она што е останато од некогашната фабрика за мебел е потенцијален извор на инфекции.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Да се забрза транспортoт на храна кон Косово

Дејан Дејан

ЕСМ на тронот по загуби, МЕПСО зголемува плати и вработува

Дејан Дејан

Дурмиши: Ако има поскапување поголемо од 15 проценти, ќе активираме поригорозни мерки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе