Култура

Ана Стојаноска : Театарот е гласот на отпорот

Во пресрет на 27 март- Светскиот ден на театарот, Македонскиот центар при Интернационалниот театарски унститут – УНЕСКО, ги лиферува домашната и меѓународната пораката по повод празникот на театарот. Авторка на домашната порака за Светскиот ден  на театарот е професорката на ФДУ, театролог, писателка и поетеса, Ана Стојаноска. Таа во пораката вели дека театарот е гласот на отпорот кога другите молчат и затоа треба да го чуваме.

  • Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде. Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ. Не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот. Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде! Исто колку што ја носи и таа да се спротивставува (на која повеќето забораваме). Театарот е гласот на отпорот во миговите кога сите други гласови се замолчени. Затоа е многу важно да го чуваме.Нам, што нѐ припитомил театарот, задача ни е да сме гласни и кога другите молчат, да кажеме кои факти се неточни, на кое место минатото на театарот е фалсификувано. Затоа што и тоа се случува. И денес. И кај нас, вели Стојаноска. Во пораката, таа им се обраќа на сите чинители на театарскиот живот, да му овозможат на театарот да се снајде и да преживее во овие тешки времиња.
  • Затоа сакам да порачам да бидеме похрабри, драмските автори и писателите да пишуваат поотворено, похрабро, помоќно, режисерите да не си седат комотно во комфорните зони, актерите да се предизвикаат себеси и да направат уште поголеми изведби. Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот. Ние, што го сакаме и сакаме со него да го збогатиме светот во кој живееме, вели Стојаноска.

А , американскиот режисер и професор на Катедрата за светска уметност и култура на UCLA- Питер Селарс, во меѓународната порака по повод Светскиот ден на театарот, повикува на заедништво и повторно собирање по разнебитувањето кое Корона кризата го предизвика на светската театарска сцена.

  • Нам ни треба да се собереме. Ни треба да споделиме простор, и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат заштитени простори за длабоко слушање и балансирање.
    Театарот е креација на земјата, простор на баланс помеѓу луѓето, боговите, растенијата,
    животните, капките дожд, солзите и регенерацијата. Просторот на еднаквоста и
    длабокото слушање е осветлено од скриената убавина, која се одржува жива во длабока
    интеракција со опасноста, балансот, мудроста, активноста и трпението. Цветот на орнаментираната Сутра на Буда содржи десет видови на големото трпение во животот на човекот. Една од најмоќните се нарекува Стрпливост и Перцепирање на се’ како чудо. Театарот отсекогаш го претставувал животот на овој свет како чудо, овозможувајќи ни да прогледаме низ човечката илузија, дезилузија, слепило, и одрекување со ослободувачка јасност и сила. Ние сме толку сигурни во тоа што го гледаме и на начинот на кој го гледаме тоа, така што не сме способни да видиме и почувствуваме поинакви реалности, нови можности, различни пристапи, невидливи поврзувања и безвременски конекции. Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација, нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе кои работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно. Театарот е покана да ја направиме оваа работа заедно, вели Селарс .
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе