Народниот театар „ Војдан Чернодрински “ од Прилеп, утре вечер (сабота) ќе ја изведе премиерата на претставата „ Декамерон“ , работена според новелите од италијанскиот писател од 14 век, Џовани Бокачо. Режијата ја потпишува Мартин Кочовски.
- Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. Ова е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух.Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин, велат од театарот „ Војдан Чернодрински“ во соопштение до јавноста.
Во претставата настапуваат актерите: Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска-Илиеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.
- Декамерон“ е претстава полна со живот. За жал, секојдневието не е. Специфичната природа на односи која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството кои сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нè поврзаа сите уште еднаш. Претставата „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста, додаваат од театарот „ Војдан Чернодрински“.
Претставата е работена по драматизацијата на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска. Автор на сценографијата е Филип Јовановски, костимите се на Јулијана Војкова-Најман, а музиката ја изведува оркестарот на театарот, под водство на Пеце Трајковски-Брада. Вокал и музички соработник е Ана Митоска.