„Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“, е насловот на изложбата која е во тек во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. За поставката се изработени дела од шест македонски уметници кои ги разоткриваат аспектите на климатските промени и важноста на биодиверзитетот за човечкиот живот. Изложбата е дел од кампањата за Зелениот договор што Делегацијата на ЕУ ја започна во ноември минатата година, повикувајќи на силна политичка посветеност и итна акција на сите нивоа во справувањето со климатските промени. Главната тема на изложбата е спречување на колапсот на биодиверзитетот, што е меѓу основните цели на Европскиот зелен договор.
Уметниците, избрани од скопската галерија „Акантус“, имаа можност уметнички да ги артикулираат своите грижи поврзани со животната средина, а инспирирани од Европскиот зелен договор.
Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Велимир Жерновски, Маја Кировска, Ненад Тонкин и Озбек Ајваз, изработија уникатни уметнички дела кои ќе послужат како мотив за размислување при интерактивните дебати што Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во следните три месеци. Работилниците ќе бидат место за дискусија за најрелевантните прашања поврзани со Зелениот договор во Северна Македонија, како и за можните решенија. Ќе вклучуваат деца, студенти, претставници на граѓанското општество, властите и академските кругови.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 20 мај 2022 година. Резервација на време за посета и бесплатни билети може да се добијат преку Фејсбук страницата „ЕУ за Култура“ EU za Kultura