Мистериите околу начинот на која е донесена пресудата на Зоран Милески Кичеец (спогодба со обвинителство за признание на вина со 6-месечна казна затвор за еден загинат и 7 повредени при претекнување на полна лента) се уште не се разјаснети.
И се уште се дел од работата на оние кои бркаат корупција во функционерските редови. Од Антикорупциската комисија ни потврдија дека пресудата за Милески Кичеец е дел од отворена постапка по допрен глас, објави КОД на ТВ Телма.
Предметот за пресудата е отворен на 12-ти јануари, а антикорупциска ќе проверува на кој начин обвинителството и судот во Гостивар процениле дека жената на загинатиот се откажала од кривично гонење. Дури и во пресудата по признанието на вина и предлог спогодба стои нејасна одредница:
Извадок од К-ПП-128/21 за Зоран Милески, Основен суд Гостивар
-Кон предлог спогодбата од страна на Јавниот обвинител се доставени и писмени изјави на оштетените Е.С.сопруга на сега покојниот Е.С.која по однос на кривичниот прогон изјавува дека му остава на ОЈО Гостивар да одлучи, а оштетените П.Ж.и М.М.кои по однос на кривичниот прогон не се приклучуваат кон кривичното гонење, додека пак оштетениот Л. Б. се приклучува кон кривичното гонење.
Од вкупно 7 оштетени, во пресудата е цитирано дека обвинителот доставил изјави од 4-ца. Еден оштетен/повреден се приклучил кон кривичното гонење, двајца српски државјани кои со тешки скршеници добиени како сопатници на осудениот Кичеец веднаш ја напуштиле Македонија, се откажале од гонењето на својот возач.
Но, за сопругата на загинатиот нема никакво откажување или приклучување на кривичниот прогон. Само е напишано дека сопругата остава гостиварското обвинителство да одлучи. Не е наведено ниту дека се откажува ниту дека се приклучува, а образложението во пресудата наведува дека како оштетена, жената на загинатиот не ги исползувала сите права кои ги има според членот 57 од Законот за кривична постапка.
Односно како оштетена треба да знае се што ќе покрене или ќе се спогоди обвинителот.
Антикорупциска за пресудата и целиот случај ќе истражува дали имало корупција при носењето на одлуката, како и дали претходните постапки на државните институции како например затворот во Струга за привремено ослободување на затвореникот Милески биле донесени соодветно или во постапка која може да се подведе под графа корупција.
Гостиварскиот обвинител кој го водеше случајот со Кичеец е Арсим Адеми кој пак е казнет со глоба за несоработка со Антикорупциска комисија, но сака да биде и се кандидирал за обвинител за гонење на организиран криминал и корупција.
Миомир Серафиновиќ