Во среда во 20 часот , во Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Се работи за балет во 9 слики, на музика на Калиопи, во кореографија и режија на Олга Панго, а по либрето на Сашо Димоски.
- Бивајќи загледан во еден свој сон во Пикасовата слика „Госпоѓиците од Авињон“, врз платното слета една мува. Мувата, еднакво љубопитна колку и јас, почна да зуи насекаде по сликата, да прелетува од еден до друг нејзин крај, да ја испитува со кураторска прецизност. За разлика од мене, мувата имаше можност да го допре платното, на нејзината текстура да ги остави своите отпечатоци врз боите и низ формите. Допирајќи ја сликата, мувата одново ја создаваше, зуејќи. Во тој миг од сонот го скицирав текстот „Госпоѓиците од Авињон“, вели либретистот Димоски.
Настапуваат балетските играчи: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи, Агим Бафти и Ендру Кук.
Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ , од сценографот Валентин Светозарев. Костимограф е Раде Василев. Мултимедијата и дизајнот се авторство на Емил Петров, а дизајн на светло направи Милчо Александров. Дизајнот на шминката е на Златица Поповска.
Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против Ковид-19 или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. А, задолжително е носењето на маска.