МЗТ Скопје денеска го промовираше новиот тренер Александар Петровиќ, кој по подолго време се враќа на клупата на тимот од скопската населба Аеродром. Целите на шампионот остануваат исти како и претходно, а тоа е одбрана на титулата во првенството и пласман во првата АБА-лига.
Петровиќ претходно во два наврати седеше на клупата на МЗТ Скопје, а последен пат беше дел од овој клуб пред 10 години. Тој го наследува Дарко Радуловиќ, кој се раздели со клубот по поразот во финалето на Купот од ТФТ Скопје.
„„Се враќам на добро познато место, во најдобро организираниот тим во Македонија каков што е МЗТ Скопје повеќе години наназад. Дојдов да дадам сѐ од себе за да ја одбраниме титулата и да се обидеме да го вратиме клубот таму каде што му е и местото – во АБА1-лигата. Нема да биде лесно, но ќе сторам сѐ да го извадам максимумот од тимот што ми е на располагање. Да бев од почетокот на сезоната, сигурно поинаку ќе беше селектиран составот, особено во делот на подмладувањето, со оглед што сега на располагање имам поголем број кошаркари длабоко навлезени во четвртата деценија. Ова не е барање алиби, туку факт. Јас сум подготвен врз себе да го земам сиот притисок кој е вообичаен во МЗТ и да ги ослободам играчите да играат онака како што знаат без да размислуваат на други работи. Време за големи промени немам, ќе гледам само да ја упростам играта и да ја зацврстам одбраната. И пред сѐ да внесам позитивна енергија, која и тоа како ќе ни биде потребна“, изјави Петровиќ на прес-конференцијата.
Извршниот директор на клубот Филип Ѓоревски најави дека МЗТ ја сака организацијата на завршниот турнир во АБА2-лигата. Кандидатурата е испратена, но Скопје има сериозна конкуренција во Белград и Сараево.
„„Поразот во Купот на Македонија беше главната причина што се решивме за промена кај тренерите. Александар Петровиќ е исклучително квалитетен стратег, чие искуство ни дава гаранција да се надеваме дека зацртаните цели ќе бидат остварени, а тоа се одбрана на титулата и влез во АБА1. Вториот дел секако ќе биде потежок, но се обидуваме да дојдеме до домаќинство на завршниот турнир, што секако би ни било предност. Но, тоа нема да биде лесно остварливо, со оглед што имаме сериозни конкуренти во Белград и Сараево. Нашата понуда е испратена и сега чекаме одговор од раководството на АБА“, изјави Ѓоревски.
МЗТ Скопје добро чекори во АБА2-лигата сезонава и има скор од 8-2 во пресрет на последниот турнир. Фајнлејт турнирот почнува на 13 април и ќе трае до 17-ти, а конечната одлука околу домаќинот ќе се знае најдоцна до 10 март.