Откако поради повреди ги пропушти првите три настапи во репрезентацијата на Македонија, Ненад Димитријевиќ се враќа во националниот тим. Со неговото враќање во тимот нашата селекција ќе биде далеку посилна и подготвена за да стигне до првата победа во овој циклус.
“Претходните два-три дена правев третмани, се чувствувам многу подобро и подготвен сум да ѝ помогнам на репрезентацијата на натпреварот со Грузија. Мислам дека ќе биде различен меч од оној во Тбилиси. Играме дома, еве и јас можам да помогнам и се надевам на тотално поинаков развој на настаните. Сите веруваме во подобар исход, а атмосферата во тимот е најважна во вакви ситуации. Познато е дека Мек Фејден и Шермадини, неколку години играат на сериозно високо ниво во шпанската лига. И јасно е дека тие се најсилна страна на грузиската репрезентација. Затоа и ќе се обидеме да ги запреме колку е тоа возможно. Верувам дека можеме”, изјави Димитријевиќ.