Вести Најважни Свет

Русија го контролира Чернобил – под жесток напад и градот Мариупол

Интензитетот на руската инвазија врз Украина не запира. По целодневните напади со проектили и авиони-бомбардери врз цели на целата територија на земјата, последните вести говорат за жестоки судири за преземање на контролата на градот Мариупол.

Ова пристаниште на Азовското море, со половина милион жители, има клучна стратешка позиција, бидејќи со негово освојување Русија ќе ги поврзе териториите во Доњецк и Луганск по земја и со Крим, кој беше анексиран 2014-тата година.

Истовремено, Украинците потврдија и дека окупаторите ја презеле контролата и на нуклеарната централа во Чернобил, местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот во 1986-тата година. На снимките објавени на твитер се гледаат руски тенкови во комплексот на нуклеарната централа.

„За жал, морам да ве информирам дека во овој миг зоната околу Чернобил, ткн зона на контрола и сета инфраструктура на нуклеарната централа во Чернобил се под контрола на руските воени трупи. Нема жртви, според одговорните во зоната и во нуклеарната централа“ –изјави украинскиот премиер, Денис Шмихал.

Украина беше обиколена од три страни, од север, исток и југ и од сите овие правци координирано во текот на целиот ден се спроведуваат бројни напади.

Воената тактика на руската инвазија очигледно е првично да се воспостави контрола над воздушниот простор во Украина, што би овозможило и полесно распоредување на копнените трупи.

Руската падобранци го освоиле и аеродромот Антонов околу 30-тина километри оддалечен од Киев, но Украинците повторно го нападнале и жестоките судири продолжија.

Во својата прва реакција, откако ја најави воената инвазија на Украина, Путин порача дека одлуката која ја донел е најмалото зло и дека Западните сојузници не му оставиле друга можност.

„Сето ова што се случува е решение кое е најмалото зло. Тие едноставно не ни оставија можност да постапиме поинаку. Тие направија такви безбедносни ризици и ние едноставно не можевме да реагираме поинаку. Сите наши обиди пропаднаа. Пропаднаа. Искрено, јас сум дури изненаден. Не можевме да мрднеме ниту сантиметар за некои прашања“ – оцени Путин.

Во ситуација кога освен со проектили, тенкови, авиони и пешадија, Украина и Русија се борат со информации, портпаролот на руското министерство за одбрана тврди дека голем број припадници на Украинската армија го положиле оружјето и Русите им дозволуваат безбедно да си заминат.

Ги остваривме сите наши цели за првиот ден од операциите, тврди руската армија.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во текот на целиот ден ги охрабрува припадниците на одбранбените сили, подвлекувајќи дека и покрај загубите, борбата против окупаторот ќе продолжи со несмален интензитет. Во Киев, градоначалникот Виталиј Кличко, поранешниот светски првак во бокс, прогласи полициски час кој стапува на сила вечерва во 22 часот и ќе трае до 7 часот наутро.

Со борби на 30-тина километри од главниот град на Украина, огромни се стравувањата дека токму Киев, каде живеат околу 3 милиони луѓе, би можел да биде следна цел на руските воени сили.

Граѓаните на Киев спас од можните руски напади бараат и во станиците на подземната железница во главниот град, кои се сместени длабоко и до 100 метри под земјата.

По почетокот на руската инвазија, голем број жители на Киев, со колони возила се упатија и кон западниот дел од земјата, стравувајќи за своите животи.

Во редици се чекаше и за да се извадат пари од банките или да се купат неопходните производи. Очајот и стравот беше видлив во реакцијата на граѓаните на Украина.

Без разлика каков ќе биде исходот од руската агресија на Украина, сигурно е дека ништо повеќе нема да биде исто , како во односите меѓу двете држави, така и во поглед на безбедноста на Европа

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе