На 84 годишна возраст почина поетот и академик Радован Павловски. Колегите се простуваат од него, опишувајќи го како патоказ за моќта на македонските зборови и како великан кој преку творештвото ја афирмира нашата литература и култура низ светот.
Тага што физички не напушти, но и гордост и среќа што го имавме меѓу нас, зашто ни покажа колку се моќни македонските зборови и што сѐ може да се искаже со нив, велат од ДПМ по повод смртта на нашиот принц на метафората, поетот и академик Радован Павловски. Тој почина на 84 години.
- Радован Павловски беше poeta natus- роден поет. Ретко ни се раѓаат такви поети. Поезијата што ја остави обезбедува вечен живот на неговите зборови. Тој ни покажа колку се моќни македонските зборови, што сѐ може да се искаже и каде сѐ може да се допре- Соња Стојменска Елзесер- претседателка на Друштвото на писатели на Македонија.
Павловски пишуваше поезија повеќе од 6 децении. Објави над 20 збирки песни, но и и есеи и патописи. Неговото деби на литературната сцена 1961 со стихозбирката „ Суша, свадба и селидби“, беше оценето како исклучителен настан. Творештвото му е преведено на 20 тина јазици, а наградено со најпрестижни домашни и меѓународни признанија.
- Радован Павловски беше водечко име на 3 генерација македонски писатели. Со неговото заминување од овој свет македонската литература изгуби еден великан, големо и значајно име кое нашата литература ја афирмира ширум светот- Раде Силјан –поет и издавач.
Како што Радован Павловски пееше, за него нема гроб зашто неговите стихови и име сега се наоѓаат во зеницата на светот.
Сотир Трајков