Култура

Филхармонија со премиера на „ Реквием за мојот пријател“ од Прајснер

Оркестарот на Филхармонијата в четврток, со почеток во 20 часот премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“, од полскиот композитор Збигњев Прајснер. Тој го посветил делото на режисерот Кшиштоф Кишловски, со кого беа соработници и пријатели.

На концертот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а како солисти ќе настапат вокалистите Билјана Јосифов, Енди Шен Лиу (Кина/Англија), Бојан Булатовиќ (Србија), Ѓорѓи Цуцковски, Александар Стефаноски, како и Золтан Борбељ (Србија) на оргули, Каролина Бетер (Германија/Србија) на соло блок флејта и мешаниот хор „Про арс“.

Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“ и трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава.

Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го напишал првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател“, што го издава „ Ворнер класикс“ 1998 година. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Тоа е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд“.

„Реквиемот“ е напишан во девет ставови. Типичен е за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија.

Прајснер својата музика ја опишува како „гранична линија“. Дека не е ниту филмска музика, ниту класична. Нешто помеѓу.

  • Создавам креации, правам креативна музика. Во ‘Реквиемот’ зедов голем дел од аспектите кои се типични за мојата филмска музика. Мојата музика има имиња, наслови кои ја дефинираат – ‘Тишина’, ‘Мир’… ‘Живот’ е приказна за нашето постоење, за она што поминало и она што допрва доаѓа. Размислувам и за смртта, за мене е важно прашањето ‘како да живееме и да умреме достоинствено, вели Прајснер.

Прајснер, првиот дел од „Реквиемот“ го напишал додека Кишловски лежел во болница, на смртна постела.

  • Имаше операција на срцето и се шегуваше што ќе направи кога ќе излезе од болница. Но, никогаш не излезе. Напишав музика и за неговиот погреб, само за органа и глас кој потоа го проширив во ‘Реквием’. Финалниот дел е молитва за надеж, молитва за сила да продолжи животот. Делото е многу лично. Преку музиката, токму јас барам сила да продолжам да живеам во таа тажна ситуација. Во мојот живот имав малку луѓе со кои сакав да го минувам времето. Еден од нив беше Кшиштоф. ‘Реквиемот’  е молитва, но и барање, вакво пријателство да ми се повтори барем уште еднаш во животот, дополнува Прајснер.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе