По евакуацијата и мобилизацијата викендов на источната граница на Украина продолжија и вооружените престрелки. Морничави слики од блиски борби во Доњецк денеска го обиколија светот. Руските сепаратисти и украинските специјалци се на работ на војна. И двете страни вооружуваат и обучуваат цивилно население. Украинска паравоена група понуди обука на цивилни доброволци во главниот град Киев бидејќи стравувањата од понатамошна ескалација се зголемуваат по порастот на насилството на истокот на земјата.
За време на собирот жените беа обучени како најдобро да се заштитат во случај на голема ескалација.
Најголемиот притисок и вознемиреност го чувствуваат украинските војници во Донбанскиот регион на самата граница. Вкопани во рововите, ги слушаат повремените експлозии од проектилите испалени од руска страна. Но, имаат наредба да не одговараат на провокациите.
Свештениците на Православната црква на Украина низ целата земја одржуваат специјална молитвена служба. Жителите на Киев се собраа во манастирот Свети Михаил за да се молат за мир додека расте стравот од руска инвазија.
Бунтовничките групи во источна Украина продолжија со евакуација на населението. Повеќе од 6.600 луѓе се евакуирани од Доњецк, а околу 25.000 луѓе го напуштиле Луганск, додека пак 10.000 се подготвуваат да го напуштат.
Сепаратистите и украинските сили се борат речиси осум години. Но, насилството долж линијата што ги дели двете страни, се зголеми во последните денови.
Со околу 150.000 руски војници распоредени околу границите на Украина, долготрајниот сепаратистички конфликт може да даде искра за поширок напад.
Мартин Николовски