Вести Македонија

Патот од Грција до Битола полн со дупки и крпеници

Небезбеден, ризичен, полн со дупки и крпеници- ваков е патот кој води до Европа преку Битола. Овие 16 километри до границата со соседна Грција,  се дел од магистралата А3, исклучително фреквентна делница, каде покрај автомобили и товарни возила, секојдневно минуваат и работнички автобуси од индустриската зона Жабени. Жителите од Кравари, село кое се наоѓа покрај патот, постојано се сведоци на сообраќајните несреќи кои се случуваат на делницата Битола до  Меџитлија, необновена повеќе од половина век.

-Јас сум овде од 1968, овој пат беше чакал, тогаш беше со чакал и го асфалтираа. Од тогаш досега нема ништо, ќе дојдат еднаш во годината некоја дупка да пополнат и ќе заминат, вели Пеце Димовски, жител од Кравари

 

-Лош е патот, за возилата е опасно, не чини, не се вози како што треба, сите тоа го знаат, вели Иљо Симоновски, жител на Кравари

Од 2012 до денес, сите министри за транспорт и врски при секоја посета на Битола, најавуваа  рехабилитација на патот до границата со Грција,  можеби единствен во толку лоша  состојба кој води до  еден граничен премин.  И изградбата на нов експресен пат до Меџитлија, остана само ветување на политичарите, а најновото доаѓа од министерот Бочварски.

-Тендерот е завршен, моментално се работи на евалуација и на избор на најповолниот изведувач кој ќе започне со рехабилитација  на патниот правец Битола Меџитлија. Паралелно со тоа работиме на  проектирање, односно завршуваме со  постапката за  проектирање на нов експресен пат од Битола до Меџитлија кој е многу значаен за целиот Пелагониски регион, рече Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Не само патот до Меџитлија, веќе три години слеп колосек е и пруга која требаше железнички да го поврзе Пелагонискиот регион со Грција. Иако 17 километри  беа обновени со  европски пари пред три години, воз се уште не поминал.  Бочварски вели дека  завршена е  експропријацијата, во тек е пренамена на земјиштето,  а  оваа пролет очекува да биде извршен технички прием  на пругата и да  биде ставена во функција

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Раст на приходите од патарини во првото полугодие

Дејан Дејан

Обвинение за директорот на Геријатрија- се товари дека побарал мито 20.000 евра

Дејан Дејан

Пожарот над Кочани сè уште активен, на терен над 30 пожарникари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе