На него настапувале и Ролинг Стоунс и Џастин Бибер, но всушност е еден од најскапите стадиони и спортски арени низ светот. Кај нас е малку познат, бидејќи на Со-Фај (SoFi) како домаќини настапуваат два тима во американски фудбал, Rams (Јарци) и Chargers (Молњи).
СоФај стадионот е отворен во 2020-тата откако веќе почна корона пандемијата, а беше изграден за 4 години. Изградбата чинеше 5 милијарди долари, а плановите се да бидат потрошени уште дополнителна милијарда за дополнителни содржини на оваа спортско-забавна арена во Лос Анѓелес.
На нам разбирлив јазик преведено, СоФај е малку поскап од вредноста на најголемиот буџет на Македонија (за 2022-ра кога е пресметан на 4,4 милијарди евра). Изграден е за двојно пократко време од досегашното време на се уште недовршениот автопат Кичево-Охрид чија должина е околу 57 километри.
Стадионскиот комплекс СоФај се простира на површина од 121 хектари, се наоѓа во Инглвуд, делот на Лос Анѓелес во близина на меѓународниот аеродром. Во комплексот е изградено и вештачко езеро со големина од 24.281 квадратни метри.
Покрај големината, за СоФај стадионот е впечатливо и што поради близината на аеродромот LAX, околу 3 четвртини од стадионот се под земја. Од безбедносни причини н е дозволено изградба на повисоки згради во близина на аеродромот поради што овој нов стадион оди надолу наместо во височина.
Теренот за фудбалски натпревари се наоѓа на околу 34 метри под површината на земјата, а гледачите се спуштаат надолу низ поебни влезови кои минуваат и врват низ градини. Втора карактеристика е што има огромен екран во форма на овал поминува над теренот на кој се гледаат репризи на акции од натпреварите.
Станува збор за огромен кровен ЛЕД екран со над 80 милиони пиксели и со сопствено име Infinity Screen by Samsung. Често на овој екран се емитува програма во живо или натпревари на фудбалските тимови-домаќини, па патниците од авионите кои тргнуваат од аеродромот може да гледаат програма во живо веднаш по полетувањето.
СоФај е е истотака стадион кој може да биде и затворен како сала и отворен како класичните стадиони бидејќи има подвижен кров. На двете страни од теренот, има постојано отворен простор во кровот кој е направен за да овозможи продирање на свеж океански воздух од неколку километри оддалечениот Пацифик. На тој начин се овозможуваат идеални услови за спортување.
СоФај и Лос Анѓелес ќе бидат домаќини и на Летните олимписки игри во 2028-та, а на ова арена ќе се одржат и отворањето и затворањето на Олимпијадата, трета во најголемиот град во Калифорнија.
Вечерва СоФај е домаќин на најголемиот спортски настан во Америка, Супербол или финале на НФЛ лигата во американски фудбал (побрз и поагресивен спорт од рагбито, а се игра со иста таква јајцевидна топка). Супербол-от покрај спортско значење е еден од најголемите телевизиски настани во САД, секогаш е на врвот на гледаноста.
Поради тоа рекламите од половина минута се најскапи во американскиот телевизиски маркетинг (оваа година чинат по 6,5 милиони долари), а покрај тоа сите овие реклами се нови креации и досега не се емитувани.
Супербол е уникатна спортска манифестација на која во полувреме има и получасовен концерт на кој настапуваат најголемите музички ѕвезди од САД. Оваа година е избран типичен хип-хоп калифорниски шмек, па ќе настапат дамата Мери Џеј Блајџ придружена од раперите Др. Дре, Еминем, Снуп Дог и Кендрик Ламар.
На СоФај ќе се одржи 56-от Супербол, а на него ќе настапат домашните Лос Анѓелес Ремс и Синсинати Бенгалс. Продадени се сите 100.240 билети.