2677 барања поднесоа битолчани и жителите од околните села до Општина Битола за надомест на штета од земјотресот што на почетокот на годината го погоди овој регион. Најмногу штети претрпеа постарите градби во Битола, но и куќите во пограничните села кои се на само неколку километри од епицентарот на земјотресот во соседна Грција. Сега ќе се формираат комисии кои ќе вршат проценка на на штетите што ги пријавија граѓаните.
– Формирани се комисии кои ќе ги разгледуваат барањата во следниот период и се надевам дека многу брзо ќе постапиме по барањата кои ги исполнуваат условите за надомест на штета. Минатата недела со претставници на ИЗИС се договоривме во текот на оваа недела стручни лица од таа институција да одржат обука на члeновите на тие комисија кои ќе вршат проценка согласно законот за заштита и спасување, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Штети имаше и на повеќе објекти од јавен карактер, училишта, градинка, како и во Клиничката болница во Битола, за што се очекува финансиска помош и од државниот буџет.
– За штетите настанати од земјотресот остваривме и работен состанок со претставници на Владата на РМ а во понатамошното постапување очекуваме и поддршка од нивна страна, рече Коњановски.
Земјотресот се случи на 9 јануари вечерта со интензитет од 5,6 степени по Рихтер со епицентар во Грција на дваесетина километри од Битола. Овa беше најсилен земјотрес во последните 100 години во Битолскиот регион
Емилија Мисирлиевски