Второто полугодие почна и услови за тоа има – тврдат образовните власти. Ама не се знае бројот на заразени деца и наставници. Како има услови и што сè е подготвено ако од министерството ги немаат статистиките на располагање, министерот за образование и наука Јетон Шаќири не одговара. Тој им посака на учениците добро здравје во новата учебна, наместо во второто полугодие.
Надлежностите за протоколите, мерките, статистиките и сè поврзано со Ковид, ги префрли на Комисијата за заразни болести. Оттаму очекува и да добие информации за бројот на заразени ученици и професори во изолација, но и информации за скринингот на учениците којшто го најави колегата на Шаќири од Владата и новиот министер за здравство, Беким Сали.
Здравствените експерти од Комисијата за заразни болести се сретнаа утрово да разговараат за учениците во училиштата, затоа што сега мора состојбата со ширење на заразата да се држи под контрола со оглед на тоа што наместо за модел со онлајн-настава, надлежните одлучија децата физички да се вратат во училишните клупи. Детали за тоа што е одлучено, кога ќе стартува тестирањето и како ќе се изведува – засега нема, во очекување на информациите коишто лично ќе ги соопшти министерот за здравство.
Петар Догов