Под мотото „ Стоп за сообраќајното насилство“, граѓани од Радовиш, со транспаренти и облечени во црни маици, со фотографија на загинатата во сообраќајната несреќа Викторија Николова, дојдоа на крстосницата пред Сити Мол, каде 24 годишната девојка пред 10 дена го загуби животот , откако на пешачки премин во неа удри возило, марка Цитроен, управувано од 22 годишен возач, кој заврши во притвор.
На еден час местото на трагичната смрт на Николова се претвори во нејзино второ вечно почивалиште. Беше оставано цвеќе и беа палени свеќи покрај портретот на Викторија, како од нејзините сограѓани, така и од скопјани кои дојдоа да и изразат почит. А мајка и Сузана , низ плач рече дека не ја прифаќа загубата на ќерка си и порача да не го доживеа тоа ни една друга мајка.
Од семејството на починатата и нивниот адвокатот, апелираа да се почитуваат сообраќајните правила, а пешачките премини да станат безбедно место за поминување на граѓаните.
Апелот е сите ние кои сме дел од сообраќајот , особено пешаците , овие пешачки премини и тротоарите да бидат тоа што е најбезбедно за нив. За жал категоријата граѓани кои се жртви на собраќајни несреќи , особено како пешаци се најчесто млади или студенти и повозрасни , како пензионерите, изјави Владимир Михајловиќ, адвокат на семејството Николови.
Отворете ги очите. И белите линии на пешачкиот премин нека бидат аларм дека овде минува живот , како што помина и замина нашата Викторија, рече Лилјана Николова – сестра на починатата Викторија Николова.
Граѓанин на Скопје, кој бил на местото на несреќата пред да се случи, рече дека причина за сообраќајката бил семафорот.
За пешаците црвеното не светеше. Значи јас требаше да го толкувам семафорот кога треба да поминам, кога не треба да поминам. После 3 часа ова се случи, вели Ефтим Здравевски, граѓанин од Скопје.
Секогаш кога како возач, храбро поминуваш на жолто , помисли дека можеш да ја убиеш твојата сакана личност, вели Петранка Костадинова од „ Стоп за сообраќајното насилство“.
А, жител на Карпош кој живее во непосредна близина, сит од бројните сообраќајќи на тоа место , на кои сведочел, побара надлежните да постават лежечки полицајци за возачите да ја намалат брзината.
Ако веќе не може со физичко присуство на полицијата , камерите не помагаат, нека се постават лежечки полицајци пред секој семафор и на секој пешачки премин . Со тоа ќе се намали брзината на движење , ќе се намалат сообраќајките и трагично загинатите, вели Томислав Неделковски, жител на Карпош 3.
И покрај ваквите примери, улиците во Скопје и понатаму се небезбедни. Ноќеска пред полноќ на улицата „ Борис Трајковски“, во Кисела Вода , мерцедес со скопски ознаки управуван од 47 годишен возач удрил во канделабра. По незгодата возачот и неговата сопатничка биле пренесени во Градската болница , каде им биле констатирани повреди, соопштија МВР.Од таму велат дека од почетокот на годината во Македонија се регистирани 9 жртви во сообраќајки , што е во рамките на просекот од минатата година , кога се евидентирани вкупно 111 жртви, што е најмал број во последните 10 години. Лани биле изречени 240 илјади санкции за различни сообраќајни прекршоци, од кои над 100 илјади за пребрзо возење. А, во рамките на контролите на патиштата кои ноќеска ги спроведе МВР биле изречени 191 мерка од кои 58 за возење со недозволена брзина и 26 за управување под алкохол.
Сотир Трајков