Пратениците и во македонското и во бугарското собрание речиси истовремено, в петок ќе бидат информирани што точно се случува во возобновените разговори меѓу двете земји.
Македонскиот шеф на дипломатија Бујар Османи го прифатил барањето на претседателот на собраниската Комисија за надворшена политика да ги презентира одговорите кои ги испратила земјава на пет плус едното барање од Бугарија како услов за старт на преговорите со ЕУ.
Бугарскиот премиер Кирил Петков пак речиси истовремено треба на бугарските пратеници да им реферира за резултатите од неговата посета на Скопје, но од вчерашната заедничка седница на двете влади во Софија.
За Марко Трошановски, директорот на „Институт за демократија“ изминатите седум дена покажуваат сменет наратив во позитивна насока и од двете страни, што пак би го олеснило постигнувањето взаемно прифатливо решение.
„Во таков позитивен наратив којшто го гнегуваат и едниот и другиот премиер, се работи полесно, секако многу подобро отколку со претходната влада на ГЕРБ. Но во секој случај сме во симболичко ниво на решавање на спорот. Како и да е овие потези што се прават, допрва треба многу внимателно да ги омекнат непријателите на компормисот на двете страни, особено во бугарското општество“, вели Трошановски.
Трошановски смета дека ваквиот пристап, избран од двете нови влади во Македонија и во Бугарија, е подобар и посоодветен отколку да се оди со директна конфронтација уште на почеток околу сензитивните прашaња.
За опозициите во двете земји, на чие барање и Османи и Петков ќе реферираат во собранијата, тој е со став, дека тие ќе се обидат да капитализираат со критика на какво и да понудено решени. Сепак според него транспарентноста на власта во процесот на постигнување на решение е нужна.
„Особено на наша страна треба да постои транспарентност во тоа што се договора, за спиновите коишто би ги правела опозицијата да бидат согледани од јавноста. Апелирам да се има конструктувен, државнички пристап и да не се злоупотребува, евентуално, корисното решение за нашата земја, за теснопартиски изборни цели, бидејќи преголем е влогот“, смета Трошановски.
Неговиот став пак за тоа како треба да се решават прашањата поради кои Бугарија го стави ветото за Македонија во Унијата, е дека тие мора да се решаваат во пакет.
Тамара Грнчароска