Шефот на истражната служба на бугарското обвинителство Борислав Сарафов во емисијата „Лице в Лице“ на бугарската БТВ изјави дека истрагата за несреќата со македонскиот автобус на 23-ти ноември лани е завршена.
Причината за несреќата, според зборовите на Сарафов е тоа што возачот изгубил контрола врз автобусот кој се движел не над дозволената брзина туку со несоодветна брзина на патот.
-Тоа е една човечка трагедија без преседан по бројот на жртви, но и без преседан, како интензитет на работа што ја завршивме. Всушност, истрагата е завршена и останува само по судски пат да бидат известени властите во Македонија. Со оглед на тоа дека и семејствата на настрадните имаат право да се запознаат со материјалите од истрагата, изјави Борислав Сарафов заменик на главниот обвинител во Бугарија.
БТВ: Може ли да кажете на крај која е причината за трагедијата?
Сарафов: Причината е губење контрола врз автобусот од страна на возачот. И високата, да кажам несоодветна, но не над дозволената брзина.
Во несреќата загинаа 45 луѓе од кои 12 деца. На кајронот на БТВ и натаму стои дека има 46 загинати, иако бројката застана на 45 жртви и 7-мина преживеани.
Бугарските обвинители пак на првата прес-конференција направија грешка и соопштија дека има 44 тела на загинати патници,но потоа ја довршија проверката на изгорениот автобус и најдоа уште едно тело.
Не беа споделени ниту информации како автобусот изгорел за многу кратко време и од него успеале да се спасат со кршење на стаклата и скокање, патници од задниот дел на автобусот.
Обвинителот Сарафов не спомна ништо за условите и сигнализацијата на патот кои претходно беа спомнувани како можна причина за несреќата, покрај човечка грешка.
Исто така не беа споделени ниту информации за сопственикот на Беса транс, Беким Хаџиу, кој бил во еден од автобусите во конвојот од Истанбул кога се случи несреќата. По несреќата Хаџиу не се враќаше во Македонија каде е отворена постапка за прописите кои фирмата и тој сопственик ги прекршувале со години.
По трагедијата беше утврдено дека автобусот кој изгоре и во кој настрадаа 45-те жртви бил купен во октомври 2020-тата година и без потребните лиценци успеал да ја премине македонската граница 135 пати или секој трет ден без важечка лиценца вршел меѓународен превоз.
Досега никој во Македонија и во надлежните државни служби не „настрада“ поради пропустите со Беса транс. Само тројца цариници беа суспендирани затоа што на последното патување го пропуштиле автобусот на граница иако немал потребни документи.
На Беса транс и беа одземени сите лиценци за превоз и за организирање туристички патувања, иако после се утврди дека возилата и шоферскиот персонал се префрлени на други фирми кои продолжуваат да возат по Скопје, низ Македонија и на истите тури кон Истанбул, но со понуди од фирма во Прешево во Србија.