Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков за Телма потврди дека вечерта на 19-ти јануари добил позитивен корона тест кој го правел за патување во странство.
Претходно во текот на истиот ден за време на прославите на Водици, Пецаков учествувал во настаните во Охрид, се дружел со граѓаните, одел на црковна литургија, а беше и во придружба на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој за Богојавление го посети овој град.
Според веб медиумот А1он, охриѓани кои биле во контакт со него се распаметени и во паника бараат термини за тестирање, откако дознале дека градоначалникот е позитивен. Здравствените власти од Охрид велат дека најмалку 300 контакти на градоначалникот веќе побарале тестирање, но стравуваат дека кластерот ќе биде многу поголем.
Пецаков ни изјави дека тестот го правел заради патување и дека немал симптоми.
-Дента за Водици се тестирав и немав симптоми. Дури попладнево ми стигнаа резултати дека сум позитивен. Ниту тогаш ниту сега имам симптоми. Денеска правев уште еден тест кој излезе негативен, ни пиша Пецаков кој испрати и фптографии од двата теста.
Од друга страна самиот објави повеќе фотографии од прославата, на кои се гледа тој без маска и во близок контакт со луѓе.
Актуелните препораки воведени уште на почетокот на пандемијата се дека оној што се тестира до добивање на резултатите треба да биде во изолација.
Доколку тестот е позитивен, заразениот пациент мора да остане најмалку 10 дена во изолација ако нема симптоми. Оние со симптоми задолжително треба да се консултираат со матичните лекари за терапија и се во изолација минимум 20 денови.
Надлежните здравствени служби и полициската станица во Охрид не одговорија на нашите повици за статусот на Пецаков, дали е заведен за изолација и дали е проверуван дали се придржува до неа.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.