Дали и колку вреди имотот на Славија останува отворено прашање, и дали сумата од 218.000 евра е цената по која треба да се продава фирмата и имотот. Она што е јасно е дека управната зграда која се наоѓа во Општина Гази Баба и магацините кои се наоѓаат веднаш до општинската зграда во Кисела Вода, вредат далеку повеќе од овие 218.000 евра, а она што може да се забележи е дека во околината на овие две локации има можност за урбанизација.
Цената на акцијата поставена номинално на 50 евра без да се изврши проценка на вредноста на имотот, што е проблематично како за вработените и директорот, така и за опозиуциската ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите на Телма, директорот на Славија, ќе биде сменет и на негово место ќе биде поставен кадар од Алтернатива.
А директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, која располага со Славија, тврдеше дека се продаваат акциите на фирмата а не имотот, но сепак факт е дека тој што ќе стане сопственик на акациите автоматски го наследува имотот, како и долговите кон вработените и доверителите кои изнесуваат неколку милиони евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека продажбата на Славија е криминал во најава подготвуван од владата а во позадина се крие имотот на фирмата кој се наоѓа на атрактивни локации и со урбанизација, односно изградба на станбени згради би се заработиле десетина милиони евра.
Од СДСМ останаа на ставот дека имотот на Славија е обезвреднет токму од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која продала 70 отсто од имотот и дека во моментов долговите се неколку милиони евра.
Владата сѐ уште не се огласи официјално околу ова прашање.
Огнен Чанчаревиќ