Енергетските компании може да бараат и 2.000 проценти покачување на цената на струјата, но останувам на ставот дека поскапувањето ќе биде до најмногу 10 проценти- категоричен е министерот за економија Крешник Бектеши.
Неговото тврдење е контра на тоа на Регулаторна. Првиот човек на Комисијата Бислимовски го уклучи алармот дека досегашните пресметки според барањата на енергетските компании без ЕВН Хоум, покажуваат дека цената би се зголемила за 38%.
“Секако дека нивно право е, тие не само 100% може да бараат и 2.000 % зголемување. Колку ќе се прифати тоа ќе видиме во наредниот период. Јас во однос на зголемување на цената на електричната енергија за пвите шест месеци од 2022 година веќе сум давал изјава и стојам целосно позади тоа што сум го кажал. Ако треба да ви го повторам ќе ви го повтрорам, нема да има зголемување повеќе од 10 посто”- изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Денеска до Регулаторна пристигнале и пресметките на ЕВН Хоум, но без процент колку бараат да биде покачувањето.
Бислимовски нема коментар за изјавата на Бектеши-вели нема да лицитираат со проценти додека не ги направат анализите.
Новата цена на струјата се очекува да ја соопштат до крајот на месецов, а да важи од 1 јануари.
Бугарскиот парламент стави мораториум на цените на струјата и парното за домаќинствата, но според Бектеши, кај нас тоа е неизводливо, бидејќи нивниот пазар на струја е либерализиран а нашиот регулиран.
А Бугарија со тоа преминува во регулиран пазар. Освен струјата, од Регулаторна алармираа дека е можно зголемување и на цената на парното греење, бидејќи цената на гасот руши рекорди.
Но Бектеши смирува – вели во тек се преговори со Газпром.
Високите берзански цени пак на енергенсите веќе ја поскапеа и храната, а се очекува цените да растат и идната година поради енергетската криза.
Но, Бектеши тврди тоа не го кажуваат бројките на статистика. Владата ги замрзна цените на дел од производите, дали ќе се проширува листата ќе каже статистиката.
Не гледам дека има некое покачување согласно нивните податоци повеќе од 5 намногу 10 посто и јас сум кажал дека во одреден производ каде што ќе се објави податок дека има зголемување не на 5 не на 10 посто, туку на 3 посто во однос на претходниот месец, веднаш како министерство за економија ќе предлагаме на владата за тој производ да се замрзне цената и да се врати цената од 1 декември, оценува Бектеши.
Владата планира да се бори со енергетската криза со активирање на домашните капацитети.
Од вчера по 12 години пауза во погон е и ТЕЦ Неготино.
За обезбедување на ликвидноста пак на ЕСМ И МЕПСО беа одвоени 65 милиони евра од буџетот.
Бектеши кажа дека се обезбедени дополнителни 15 милиони евра за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.
Александра Филиповска