Бугарските пратеници гласаа да ги заштитат домаќинствата од зголемените трошоци за енергија со тоа што ги замрзнаа цените за струјата и парното на сегашно ниво. Резолуцијата која денеска е изгласана ќе трае до 31 март.
Бугарскиот независен енергетски регулатор најави зголемување на цените на електричната енергија во просек за 11,5 насто и цените на парното до 30 насто за домаќинствата од 1 јануари, со што ќе се усогласат со цените на пазарот каде компаниите ја купуваат својата енергија. Бугарските компании ја повикаа новата влада да изнајде начини да им помогне да се справат со порастот на цените што загрози низа бизниси низ ЕУ.
Во минатото, зголемените цени предизвикаа протести во оваа балканска земја, каде што сиромашните домаќинства често се борат да ги платат сметките преку зима.