Играниот филм „Снежана на крајот умира“, по сценарио и во режија на Кристијан
Ристески ќе има премиера на фестивалот „Сламденс“. Фестивалот ќе се одржи со физичко присуство и онлајн, од 20 до 30 јануари во Парк Сити- САД.
„Снежана на крајот умира“, е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се
занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално
корумпирана средина. Филмот е составен од 3 испреплетени приказни за исто толку групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз
Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.
Филмот е македонско-кипарска ко-продукција, меѓу продукциските куќи „Вертиго Висуал“, од Македонија и „Карета Филмс“, од Кипар, а финансиски е поддржан од нашата Агенцијата за филм и од Филмскиот фонд на Кипар.
Продуцент на филмот е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије
Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис,
сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е
Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, а кастинг директор е Мони Дамевски.
„Сламденс“, е фестивал од каде наградените се квалификуваат во трката за Оскар, за дебитантски филмови со буџет до 1 милион долари. Неговото мото е „ Од филмаџии за филмаџии“. Оваа година селекцијата на филмовите е извршена од над 8100 пријавени филмови. На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан, познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“, потоа Бонг Џун Хо, познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“ и Шон Бејкер, познат по „Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“…
Фестивалскиот лајнап беше објавен вчера на фестивалскиот вебсајт и во престижните филмски
списанија Варајети, Скрин Дејли и Холивуд Рипортер.