„Приватност во јавност“, е насловот на групната изложба на домашни и српски уметници, која в среда (15 декември), во 19 часот, ќе биде отворена во објектот Мала Станица при Националната галерија на Македонија.
Преку проектот „ Приватност во јавност“, седум уметници од Србија ќе ги претстават своите интимни стратегии и микронаративи, потпирајќи се на односот интимно-јавно, делувајќи во контекст на непосредната реалност каде индивидуалните приказни создаваат нови односи преку толеранција, емпатија и разбирање. Уметниците внесуваат детали од интимниот живот и субјективните искуства во центарот на нивното истражување и на тој начин придонесуваат за уште посилна емоционална врска со другите. Семејство, дом, непосредна околина, поглед низ прозорец или од тераса, пријатели, дејствија од секојдневниот живот преведени преку уметнички дискурс зборуваат за еколошки, геополитички, социолошки и антрополошки проблеми, проблеми на засолниште, осаменост, номадизам, нестабилна социјална меморија, авто – меморија, велат од Националната галерија, во соопштението за изложбата.
Од Србија , на изложбата учествуваат 7 уметници: Силард Антал, „Distructure“, Стеван Којиќ, Весна Перуновиќ, Милета Поштиќ, Наташа Теофиловиќ и Драган Војводиќ. На гостите од Србија ќе им се придружат 8 уметници од Македонија, со кратки видеа под заеднички наслов „Уметнички дневници во изолација“. Ти се снимени на покана на Националната галерија и кураторката Ана Франговска во 2020 година. Станува збор за уметниците: Атанас Ботев, Искра Димитрова, Роберт Јанкулоски, Верица Ковачевска, Моника Мотеска, Кристина Пулејкова, Дијана Томиќ и Вана Урошевиќ
Изложбата опфаќа различни медиуми: фотографија, видео, дигитална анимација и инсталација, а кураторка на проектот е Светлана Младенов од Асоцијацијата „Визарт“, од Нови Сад.