Европскиот суд за човекови права во Стразбур го одби барањето на адвокатскиот тим на Орце Камчев на државата да и се изрече времена мерка со која тој ќе биде во домашен притвор и ќе му биде извршен медицински преглед од кардиолог поради неговата влошена здравствена состојба.
Орце Камчев останува во притвор откако Европскиот суд за човекови права го одби неговото барање за пуштање од Шутка и лекување во домашен притвор.
Од Европскиот суд во Стразбур за МИА потврдиле дека е одбиено барањето на обвинетиот Камчев. Неговите адвокати бараа на државата да и се изрече времена мерка, односно да и наложи на македонските власти да го пушти Камчев во домашен притвор и да му бидат извршени прегледи од кардиолог.
Одлуката е донесена по одговор на владата во Скопје дека на притворениот му се обезбедени сите можни здравствени прегледи.
Според информациите на МИА одговорот на Владата се движел во насока дека на „притвореникот му се пружа соодветната здравствена заштита, а тој самиот во неколку наврати одбил да оди на преглед.“
Европскиот суд не ја образложил дополнително одлуката да го одбие барањето на Камчев. Адвокатите на притворениот ја поднесоа тужбата затоа што сметаат дека тој нема здравствена заштита во затворот Шутка и поради кардиолошки проблеми му е загрозен животот.
Ова всушност значи дека ЕСЧП одбил да и наложи на државата да го пушти Камчев во домашен притвор и да му бидат извршени прегледи од кардиолог.
Адвокатскиот тим на Камчев, претходно во неколку наврати алармираше дека имаат медицински белешки од кардиолози од земјава и странство, кои укажуваат дека тој спаѓа во група на пациенти со висок ризик од смрт поради кардиоваскуларни проблеми. Врз основа на тие белешки, одбраната на Камчев, го поднела и барањето пред ЕСЧП.
Камчев е обвинет во предметот Плацеви на Водно заедно со Сашо Мијалков, бегалецот Никола Груевски, својата мајка Ратка Камчева и уште двајца обвинети. Во притвор е од 14-ти март поради како што тврдеше обвинителството, планирање на бегство од Македонија. Адвокатите пак тврдеа дека Камчев никогаш не планирал бегство и притворот му е определен со скандалозна одлука поради неиздржани индиции на Агенцијата за национална безбедност.