Култура

Семејството на хирургот Халид Шабан донираше вредни семејни предмети во Музејот на македонската борба за самостојност

Угледното скопско семејство на хирургот Др Халид Шабан, донираше над сто предмети од нивната семејна оставнина на Музејот на македонската борба за самостојност. Донацијата вклучува лични документи, покуќнина,текстил и месингани предмети .

  • Збирката нė носи на едно патување низ четири државни системи на една иста географска точка, во период од најмалку 150 години, проживеани од повеќе генерации на семејството Шабан, вели директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Даниела Николова.

Збирката предмети ја донирани Џанѓул Шабан, ќерка на познатиот скопски хирург Халид Шабан, а со подршка на нејзината мајка, Исмије Шабан. Таа сведочи за истрајноста и поривот на Др Шабан да биде успешен и признаен во својата средина во Скопје, каде како 13 годишно момче заедно со семејството дошол во главниот град,  откако биле интернирани во 1941 година од валандовскиот крај. Неговата мотивација, посветеност во работата и пожртвуваност биле признаени. Тој како 35 годишен хирург бил одликуван со орденот „ Сребрена Ѕвезда“ , од претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, по спасувањето на повредените во скопскиот земјотрес. А, во 1994 година, на свои 66 години, Халид Шабан се кандидирал во изборот на прв претседател на независна Македонија.

  • Освен официјалните признанија на Др Халид Шабан, збирката сведочи за животот на младите во СФРЈ, (преку животот на младиот Халид), за важноста да се биде ударник во изградбата на младата држава, да се учествува на работини акции и да се биде активен во спортот и музиката, вели директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Николова.

Таткото на Халид, Мустафа Шабан, својот работен век го поминал во Кралството Југославија, пред тоа Кралство на СХС. Тој бил земјопоседник и трговец, со врски од Солун до Загреб. Додека пак последните 16 години, пред интернирањето во Скопје, бил назначен за претседател на Дојранската каза. Тој исто како и неговиот син, бил одликуван од државата во која дејствувал. Го примил орденот „Св. Сава“, и орденот „Југословенска Круна“, од Кралот Александар Караѓорѓевиќ, за успешно раководење со територијата на Дојранската каза, пределот на Валандово, Струмица и Гевгелија и селата во тој регион. Во периодот на Отоманската империја Мустафа Шабан бил раководител на преминот кај теснецот на Демиркаписката клисура и со неговиот мур одобрувал премин на стоката што се пренесувала од Скопје до Солун, преку реката Вардар. Дел од овој историјат може да се види од донираните предмети.

Првата донација во Музејот на македонската борба за самостојност беше од битолското семејство Маслинкови, потоа следеше донација од над 40 лични предмети, документи, повелби и награди од семејството на академик Анте Поповски. Во план е и донација со вредни лични предмети од поетесата Светлана Христова Јоциќ.

Покрај музејската документација, конзервацијата на музејските предмети, спроведените истражувањата, менување на светлата во поставката со лед осветлување за подобрување на пристапноста, една од појдовните точки на музејот оваа година е и збогатување на музејските збирки со предмети, фотографии и документи по пат на донации.

  • Сметам дека дополнувањето и збогатувањето на музејскиот фонд со предмети, е неопходно за музејот и музејските содржини. Музеј на македонската борба за самостојност се стреми да биде активна и модерна институција која се карактеризира со историја, култура, отвореност и флексибилност. Резултатите од сите музејски активности ќе бидат презентирани низ самата постојана поставка, од истражување и конзервација до интерпретација и едукација. Овој музеј, како и сите други национални музеи, е жив организам, пулсирачки центар кој се менува, дополнува, надградува и се збогатува со музејски материјал, дополнува директорката Даниела Николова.

Следи период на евиденција и обработка на донацијата од семејството Шабан, од страна на кустосите во музејот.

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе