Комисијата за заразни болести денеска на редовниот состанок околу состојбата со коронавирусот се очекува да расправа и за новата мутација на вирусот наречена „Омикрон“. На седница на Владата, пак, утре треба да се одлучува за новата предложена мерка за финансиска стимулација на матичните лекари доколку бројот на нивните вакцинирани пациенти против Ковид-19 надмине 70 проценти.
– Во однос на новиот сој на Ковид-19 сега е се уште рано да се каже точно, станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот и сега тука е сомнежот дека можно е да е потрансмисибилен отколку сите досегашни мутации. Меѓутоа, ние имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, изјави за медиумите викендот ресорниот министер Венко Филипче.
Светската здравствена организација (СЗО) во петокот го идентификуваше новиот сој Б.1.1.529, пронајден во Јужна Африка, го именува со грчката буква омикрон и го класифицираше како загрижувачки и високо пренослив.
Во образложение за новата мерка, министерот Филипче рече дека овој предлог е резултат на истражување и оти целата идеја е матичните лекари да бидат финансиски стимулирани со по 30 денари по пацинет, кога ќе надминат 70 проценти на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти кој се запишани кај нив. На последната владина седница беше одлучно да се побараат дополнителни анализи за предлозите со кои се предвидуваше да се бара задолжителна вакцинација или ПЦР тест за одење на работа.