Светската фудбалска федерација побара од мексиканските власти засилени активности околу подобрувањето на јавната безбедност во Мексико, кој е една од трите земји домаќини на Светскиот куп што ќе се одржи во 2026 година.
Реакцијата на делегацијата на ФИФА доаѓа откако во средата се случија сериозни инциденти во источниот дел од Мексико во туристичкиот дел од полуостровот Јукатан каде во вооружена пресметка на локалните нарко картели како колатерална штета беа убиени двајца странски туристи, а тројца беа ранети.
Шефот на делегацијата на ФИФА која е во неколку дневна посета на Мексико, Колин Смит потенцираше дека владата мора интензивно да работи на подобрување на безбедноста на граѓаните бидејќи овој проблем може сериозно да влијае врз конечната одлука кои градови ќе бидат домаќини на мечевите од Светскиот куп.
Претставниците на ФИФА во следните денови ќе заминат во посета на Лос Анџелес и Торонто по што ќе биде објавен комплетниот извештај за 22-та града кандидати за организација на натпреварите, а потоа на почетокот од следната година ќе бидат познати локациите каде ќе се играат мечевите на Мундијалот чии домаќини се Мексико, САД и Канада.