Вести Економија Македонија

Проф.др.Талески: Најскапа струја е онаа која ја немаме

Огнен Чанчаревиќ: Кој е Вашиот став? Како ја оценувате енергетската состојба во Македонија со оглед на фактот дека веќе е прогласена и кризна состојба?

Професор Рубин Талески: Енергетската состојба не ни е розова, лоша, тоа и резултирапе со прогласување на енергетска кризна состојба. Причини за тоа има многу. Во Европа се случуваат многу рабoти, меѓутоа за разлика од Европа ние имаме една дополнителна една работа што не може да ја решиме, немаме „План Б“. Луѓе со право стравуваат дека можеби ќе има рестрикции иако се надевам дека ќе се потрудат надлежните да не се случи тоа.

Огнен Чанчаревиќ: Како се доведовме ние до оваа состојба? Зошто имаме дефицит на капацитети а и тие што ги имаме се подложни на хаварии и веќе се застарени?

Професор Рубин Талески: Прво за состојбата на производните капацитети. Освен неколку, ТЕТО Скопје, Козјак и Света Петка и ветерната електрана во Богданци, а тие последните три се релативно мали за системот, сите други се најмалку 35 години стари. На крајот од животниот век, тие се реконструирани, се одржуваат веројатно редовно, а дополнително на тоа , бидејќи кај нас најголем дел од производството беше од термоцентралите на јаглен, резервите на јаглен се при крај. Колку и да ги има и во Суводол и во Брод – Гнеотино, квалитетот па сега не е добар, многу повеќе земја се копа за да се ископа еден тон руда – односно еден тон лигнит. Значи енергетската политика, условно речено ја креираат експертите, има многу стратегии за енергетика направено во последните 40 години, меѓутоа за жал политичарите кои треба да ги спроведат овие препораки во стратегиите, не ги прават. Не ги прават од повеќе причини. Првата причина е реализација на енергетски проекти, особено производни капацитети за производство на електрична енергија бара многу време, тоа се многу пари. Втората причина е заложбата на политичарите цената на електричната енергија да биде ниска.

Огнен Чанчаревиќ: Според вас професоре Талески, што е следните чекори кои треба да се превземат?

Професор Рубин Талески: Прво и основно мора да се активираат сите домашни производствени ресурси. Значи Осломеј, во каква таква состојба да е електроцентралата, ако се обезбеди јаглен да почне со производство. Битола да се санираат оние ситни дефекти. Се разбира оној блок каде што изгоре трансформаторот една година ќе се поправа.Но другите два блока да се одржуваат интензивно бидејќи и таму нема доволно јаглен, со оној што евентуално ќе го увезат да може да работат што е можно повеќе и да произведат што е можно повеќе електрична енергија. ТЕЦ Неготино дефинитивно мора да се вклучи. Верувам дека е во, барем некои кажуваат, дека опремата е во добра кондиција. Мазут имало или не се набавува. Да, скапа ќе биде струјата од Неготино. Интензивно да се почне на реализација на изградба на нови енергетски објекти. Но не соларни електрани од по 5 – 10 мегавати но тие не ни го решаваат проблемот. Убаво е да ги имаме но тие не ни го решаваат проблемот. Решение за домашно производство на електрична енергија е во гасот. Природниот гас. Зошто? Хидроенергијата, освен неколку проекти – Чебрен Галиште кој меѓу другото по 12 јубилеен пат ќе се распише  или веќе е распишан тендерот, не може да се реализира проектот. Можеби Градец централата на Вардар, можеби и Велес, но тоа се релативно мали објекти. Јаглен немаме или ќе ни се потроши за неколку години и останува гасот. Технички може да се приспособат сите постојни термолектрани да работат на гас. Се разбира потребни се сериозни инвестиции бидејќи не може да го смените јагленот со гас.

Огнен Чанчаревиќ: Вие сте убедени дека цената на струјата ќе расте?

Професор Рубин Талески: Јас како човек, како и и сите други луѓе би сакал да плаќам ефтина струја, пак ќе речам струја место електрична енергија за народот да ме разбере. Но знам дека најскапа струја е онаа која ја немаме. Колкава ќе биде кога ќе порасне тоа е друго прашање. Веројатно владата има механизми барем за домаќинствата да малку влијае на цената но Буџетот наш не верувам дека тоа ќе може да го издржи.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кошта: Tреба да се испорача она што беше договорено во 2022 година – Нема веќе за што да се договараме

Дејан Дејан

Лица од енергетски монополи ќе можат да бидат членови на регулаторна комисија, ќе има ли простор за манипулации во одлуките?

Дејан Дејан

Граѓаните кои се во неповолна финансиска положба имаат право на бесплатна правна помош

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе