Железници инфраструктура го подготви и оспособи колосекот кој води директно до термоелекраната Неготино така што повеќе нема логистички пречки за испорака на мазутот неопходен за непречено работење на овој капацитет. Раководството на Неготино ги заврши тестирањата на двата блока и најави дека може да стартува со производство но единствена пречка е фактот што имаат залихи на мазут за само неколку дена работа. Надлежните од енергетскито сектор во неколку наврати најавија дека термоелектраната ќе биде ставена во погон за да го надополни дефицитот во производството на струја.
Кога станува збор за РЕК Битола каде што деновиве ЕСМ треба да соопшти кој го доби тендерот за испорака на 900 илјади тони јаглен, од инфраструктура информираат дека реконструираат најблиската логистичка точка, станицата „Никола Карев“ каде што ќе се врши претовар на јагленот.
Од инфраструктура работат и на логистички план за транспорт на 300 илјади тони јаглен со кои Осломеј, според најавите од 1 декември ќе почне да произведува струја.
Транспортот и испораката на енергенсите, на јагленот и мазутот, според тендерите ќе го ортганизира и спроведе фирмата која ја добила јавната набавка, а од железници информираат дека досега не се контактирани. Сепак оттаму додаваат дека тие не располагаат со доволен број вагони цистерни за мазут и вагони за достава на јаглен но затоа пак можат да ги стават на располагање локомотивите кои можат да повлечат композиција со максимум 1.500 тони енегренси.
Огнен Чанчаревиќ