Вести Култура Македонија

Отворен Офицерски дом на Денот на ослободувањето на градот Битола

По повод Денот на ослободувањето на Битола, „ 4-ти Ноември“, во обновениот Офицерски дом се одржа свечена академија со што практично беше пуштен во употреба.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во својот говор истакна дека е посебно среќна што успеа да ја заврши реконструкцијата на домот и тој повторно да биде ставен во употреба, напоменувајќи дека тој ќе биде отворен и денес на денот на роденденот на градот, за сите оние кои сакаат да го посетат.

Петровска истакна дека на крајот на нејзиниот мандат Битола ја остава без долгови и дека на сметката на општината има пари за сите проекти кои се во тек, како и за оние за кои веќе се објавени јавните огласи.

На свечената академија беше поканет и присуствуваше и новоизбраниот градоначалник на Битола Тони Коњановски, како и дел од советниците од новиот состав на Советот на општина Битола.

Наградата за животно дело „4-ти Ноември“, највисокото општинско признание му беше врачена на годинашниот добитник актерот Петар Мирчевски.

Инаку изградбата на Домот на армијата или Офицерскиот дом започнала во 1909 година и се верува дека проектот бил дело на архитекти од Австрија и од Италија, а на изградбата работеле локални мајстори.

Всушност, и архитектите, и оние коишто со љубов го замислиле овој објект оставиле во него, во неговото оживување, верба во средбата на Истокот и Западот во еден поинаков „рајски“ свет.

Објектот е синтеза на повеќе стилови и хармонично спојување на елементи и симболи пренесени од исток и од зaпад. Започнат да се гради за потребите на турските офицери, не успеал да биде завршен во нивното време.

Бил довршен по завршувањето на Првата светска војна и ѝ служел на елитата на повеќе војски, како палата за свечени приеми, за балови, за забава, за кино-проекции. Во салата за балови бил донесен луксузен лустер од скопскиот Офицерски дом кој беше урнат во земјотресот 1963 година.

По напуштањето на објектот од страна на АРМ фасадата беше реновирана, но објектот никогаш повторно не беше ставен во функција. Беше употребен за снимање во неколку филмови, во внатрешноста и дворот беа организирани различни манифестации, но никогаш не се најде трајно и одржливо решение по што Офицерскиот дом стана запуштена руина.

Во 2020 година од страна на Општина Битола со помош од ЕУ и Светската банка беше започнат процес на комплетна реконструкција.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Оставката на Таравари доставена во сандачето на премиерот – од Вреди потврдија дека позициите на Алијанса остануваат кај нив

Дејан Дејан

Недостасуваат лекари за физикална рехабилитација на повредените во Кочани

Дејан Дејан

Таравари си поднесе оставка од министерската позиција: „Во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе