Привршува пријавувањето за учество на годишните конкурси на Министерството за култура, за поддршка на проекти од национален интерес по дејности, за 2022 година, што годинава за првпат се одвива по електронски пат. Годишните конкурси беа објавени на 4 октомври. Оттогаш, Министерството за култура е во постојан контакт со корисниците преку отворените телефони и е-адресите, наменети за техничка поддршка на апликантите. А, до сега пристигнале околу 600 пријави, велат од министерството.
- Изразуваме задоволство од заемната комуникација која е од полза за сите нас. Тековно ги решаваме отворените прашања со цел секоја апликација да е успешна и секој корисник лесно да го изврши пријавувањето, велат од Министерството за култура.
Со електронската апликација се забрзува целиот процес, од пријавување до изготвување решение. Со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса.Министерството за култура, до крајниот рок за аплицирање е отворено за олеснување на процесот и за одговор на сите прашања. Од таму апелираат, од практични, технички причини, да не се чека последниот миг за поднесување на пријавите.
- Од страна на Министерството за култура е преземено сè за процесот да се одвива непречено. Рокот истекува за неполни четири дена, па затоа ги замолуваме апликантите навреме да ги поднесуваат пријавите, со цел да си дадеме простор сите заедно, за евентуално решавање на извесен проблем доколку има можност тој да се исправи до крајот на рокот, потенцираат од ресорот Култура.
Рокот за пријавување истекува на 6 ноември (сабота), во 12 часот напладне, кога апликацијата автоматски ќе се затвори.