Досега не е регистриран ниту еден случај на заразен со сезонски грип ниту по пристигнати 450 материјали паралелно тестирани за грип и Ковид-19.
Сите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот потврдуваат од Здравство.
Но, епидемиолозите предупредуваат дека времето одминува.
Врвот на зараза со оваа болест ќе дојде за два месеци, толку колку што е и потребно за да се создаде имунитет со вакцинацијата.
Во земјава сè уште се очекуваат 40.000 дози на четиривалентните вакцини од францускиот производител.
Веќе доцнат, ако се знае дека договорот за набавка е потпишан на почетокот на октомври.
„Испораката на вакцини за сезонски грип зависи од производителите. Сепак, Министерството за здравство прави напори за што побрза испорака на вакцините.“ – соопштија од Министерството за здравство.
Според доктор Љуљзиме Бајрами од скопскиот Центар за јавно здравје средината на ноември е крајниот рок во кој од епидемиолошки аспект е најпрепорачливо веќе да е извршено вакцинирањето.
„Вакцината за грип најдобро е да се прими е помеѓу октомври и ноември месец. Секогаш било така. Ама тоа не е толку лесно, сепак треба да се поминат одредени процедури за ние да почнеме со вакцинација. Ќе има доволно дози и ќе се вакцинираат сите кои имаат потреба и кои се во категориите за вакцинација“ – вели Бајрами.
Доктор Бајрами вели дека нема потреба да има никакви дилеми или страв кај граѓаните за т.н. мешање на дозите од анти-Ковид вакцините и овие за сезонски грип.
Има ред и протокол и за тоа, а важно е населението да остане заштитено и од двете закани.
„Да, може вакцините да се примат истовремено, значи ако денес некој ја прими вакцината против Ковид, може истовремено да прими и за грип. Но, во случај ако не може да се примат тие во ист ден тогаш за четиринаесет дена ќе треба да се одложи примањето на дозата од една од вакцините.“ – потврди доктор Бајрами.
Во меѓувреме во тек е и сè поголем замав зема вакцинацијата во земјата со трета доза за Ковид-19.
Само вчера се аплицирани вкупно 4.797 вакцини, од кои бројка од 734 дози припаѓа во делот со прва доза, а 3187 се вакцинирани со трета доза.
Заклучно со вчера вкупно вакцинирани за Ковид во земјава се над осумстотини илјади граѓани.
Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во земјата е вакцинирана, а 35% примиле две дози вакцина.
Петар Догов