Денеска пратеничката Марија Георгиевска од редовите на СДСМ даде изјава за медиумите по повод синоќешниот напад на активистите на СДСМ кои делеа флаери во Општина Карпош. Таа рече дека одговорност ќе има и дека очекуваат брза разрешница и најстрога санкција за напаѓачите. Случајот е пријавен во полиција.
„Синоќа овдека во Влае остатоците од режимот го покажаа своето вистинско, насилничко и криминогено лице. Активисти на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата овде пред кафулето Кино Влае беа нападнати од криминална вооружена група, пришто еден наш активист е пресечен со нож, а друг има скршена аркада“, рече Георгиевска.
- На 28.10.2021 во 02.40 часот во Полициската станица Карпош, Д.С.(25) од с.Шишево, скопско, пријавил дека во неговиот угостителски објект на ул.„Есперанто“ бил физички нападнат од едно лице затоа што во корпа за отпадоци фрлил летоци од политичка партија, кои неколку други лица ги фрлиле на летната тераса, соопшти МВР.
Полициски службеници излегле на местото на настанот и било утврдено дека во Градската општа болница „8-ми Септември“ со повреди бил однесен М.Ѓ.(31) од Скопје. Во разговор со полициски службеници тој изјавил дека на ул.„Есперанто“ бил физички нападнат од повеќе лица.
Според МВР на местото било пронајдено оставено патничко возило „фолксваген џета“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.А. од Скопје, во кое имало летоци и рекламен материјал од истата политичка партија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот