Македонија

Влада: Деновиве сведочиме постапки и изјави од Бугарија кои македонските граѓани не ги доживуваат пријателски

 Владата денеска преку соопштение реагира на постапки и изјави од соседна Бугарија, кои, како што се посочува, не се доживуваат пријателски од македонските граѓани. Од Владата додаваат дека имаат разбирање за внатрешната политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но, сметаат дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Решавањето на сите отворени прашања, нагласуваат во соопштението, е можно само низ дијалог за кој Северна Македонија е подготвена, но оти е време и Бугарија да ја покаже истата подготвеност.

-Со Договорот од 1 август 2017 година, Северна Македонија и Бугарија потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои не носат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Наместо тоа, се додава, Договорот обврзува да се одржува европски дијалог и да се почитува и применува целосно, вклучувајќи го и темелниот принцип за немешање во внатрешните работи на двете земји.

-Имаме разбирање за внатрешна политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но, сметаме дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани. Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседите, нагласуваат од Владата.

Постигнувањето договори и нашата посветеност на нивната имплементација, велат оттаму, меѓу другото, се потребни за помирување на народите и државите во нашиот регион за да живееме во траен мир, и да развиваме трајно пријателство, како што тоа го правиме со сите наши останати соседи.

-Остануваме посветени на дијалог со Софија и барање на взаемно прифатливо решение за прашањата што се отворија. Република Северна Македонија покажа максимална проактивност и политичка волја да се доразјаснат одредени дилеми и понудивме одговор на повеќе од покренатите прашања. Континуирано работиме на активна имплементација на договорот. Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање, се нагласува во соопштението од Владата.

Република Северна Македонија, додаваат од Владата, е подготвена за тој дијалог и време е Бугарија да ја покаже истата подготвеност.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обинителство отвори истрага против пет лица за убиството во Штип

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе