Веб сајтот mkd.mk објави дека во пратка означена како дипломатска пошта на македонското МНР, во камиони се носеле и шверцувале цигари и пијалоци.
Камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци, стои во написот во кој се тврди дека на граничната контрола возачот покажал документи што потврдувале дека се превезува дипломатска пошта.
Иако дипломатската пошта не се проверува и е заштитена со Виенската конвенција, италијанските служби поради некои сомнежи, како што наведува веб медиумот мкд.мк, го ставиле камионот на скенер и извршиле претрес.
Во написот пишува дека камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија. На влез во Италија на скенерски преглед се откриени многу шишиња по што следувал претрес на камионот, при што е откриено големо количество цигари и алкохолни пијалаци кои биле „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи, а на крај возачот бил притворен.
Дипломатска пошта е пратка која не е исклучиво составена од писмени документи, туку може да содржи пакети, канцелариски предмети, мебел, опрема за канцеларија или домаќинство, односно работи потребни за амбасадата или за амбасадорот.
Во текстот стои дека сличен случај, но при бродски транспорт на дипломатска пошта, бил откриен летово на релација Грција –Италија.
Од МНР соопштија дека по овие информации и извршени проверки последните два дена „не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба.“
Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите, соопштуваат од МНР.
Во одговорот од куќата на дипломатијата се наведува: „Иако нема потврда за постоење на ваков случај, министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука, Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста.“
Во август имаше посериозен случај кога македонски дипломат баран со меѓународна потерница беше уапсен во Врање. Уапсениот Миле Миленкоски се уште е во притвор, а нема знаци дека државата е вклучена во случајот со него иако тој имал безбедносен сертификат и пристап до строго доверливи документи на МНР и воопшто на државните институции.
Миленкоски е осомничен дека помагал во бегство од Ерменија на осомничен за финансиски криминал. Бегалецот е градежниот инжинер Бранислав Димитријевиќ, а бегството од Ерменија било изведено со авион поради што дипломатот доби меѓународна потерница.