Ковид19 Македонија Најважни

На почетокот на ноември стигнуваат вакцините против грип, додека интересот за Ковид-вакцинацијата драстично опадна

Најрано на почетокот на ноември ќе се наполнат фрижидерите на поликлиниките со вакцините против сезонски грип. Станува збор за голема пратка од најмалку 40 илјади вакцини, за кои пациентите веќе бараат термини кај матичните лекари.

Веднаш штом пристигне пратката, ќе се пуштат во употреба за вакцинирање најпрво на возрасните над 65 години, хронично болните, медицинарите, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.

За нив вакцините ќе бидат бесплатни. Нема никаков проблем за паралелно изведување ва имунизацијата за грип и Ковид истовремено, велат од Здравствен дом – Скопје.

„Нашите сознанија што ние како Здравствен дом ги добиваме од Министерството за здравство се за некаде околу 40 до 50 илјади на француската вакцина којашто ја имавме и лани од Институтот „Луј Пастер“. Мислам дека треба за недела до две да пристигнат тие вакцини и паралелно ќе вршиме имунизација и против Ковид и против сезонскиот грип. Граѓаните не треба воопшто да се плашат, како што не треба ниту да се плашат ниту од вакцината против Ковид“ вели доктор Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом – Скопје.

Доктор Исјановски признава дека бројките кои стигнуваат од поликлиниките се загрижувачки. Додека секој ден сè повеќе и повеќе лица доаѓаат да примат трета доза од анти-Ковид вакцините, интересот за првата доза е поразителен.

Вчера само 638 граѓани примиле прва вакцина, наспроти 4720 коишто дошле веќе и за трета.

За здравствените работници, токму тоа што никој веќе не сака да се вакцинира со прва доза е најзагрижувачко во моментов.

Македонија е далеку од постигнување на целта да имаме над 70% имунизирано население за да може мирно да се менаџира текот на пандемијата кај нас.

„Таа дупка, тој простор кој се остава на вирусот со непокриеност со имунизација – тоа е ризик за сите, не е ризик само за невакцинираните. Тоа е ризик и за вакцинираните, баш заради оние можности да се менува вирусот. Останува на совеста на луѓето и совеста треба малку да се потпомогне со рестриктивни мерки коишто ги гледаме во соседството ако совеста не е доволна за да го поткренеме овој процент на позначајни бројки, а под позначајни бројки мислам над 70%“ вели доктор Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

Според процентите на Министерството за здравство, 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. 35% проценти од вкупното население во државата е имунизирано со две дози вакцина.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Оставката на Таравари доставена во сандачето на премиерот – позициите на Алијанса остануваат кај Вреди, потврди Меџити

Дејан Дејан

Недостасуваат лекари за физикална рехабилитација на повредените во Кочани

Дејан Дејан

Таравари си поднесе оставка од министерската позиција: „Во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе