Штипјани побрзаа да ја примаат и трета доза. Редица од повозрасни граѓани, на друга страна се пополнуваат согласности за бустер дозата, трети дофрлуваат и по некој коментар за оние кои сакаат да го нарушат редот, но полицијата е тука да им укаже оти за неколку минути ќе ги боцнат, ваква беше денешната слика пред штипскиот вакцинален пункт. Интересот за бустер дозата е веќе трети ден, а речиси сите се вакцинирани со кинеските Синофарм и Синовак.
Се размислува пунктот да работи и во сабота, а од понеделник да се обезбеди и поголем простор во оваа зграда, за да се избегне метежот. Прва доза дневно примаат околу 50, додека за трета доза веќе денеска очекуваат и над 400 граѓани.
На овој пункт досега со втора доза се имунизирани над 34.000, од кои 30.000 се само од штипскиот регион, кој има висок процент далеку над државниот просек. Деновиве повторно има двоцифрени бројки на заразени со коронавирусот, активни случаи во Штип се над 210. Модуларните болници во Штип и Кочани имаат примено седумдесет пациенти.
Викторија Јованова