Народниот правобранител Насер Зибери во гостувањето на Утринска на Телма рече дека најголемиот дел од преставките од граѓаните кои Омбдусманот ги добива се од областа на правосудството.
Тука доминираат преставки кои се однесуваат на работата на извршителите. Бројни се преставките и во областа на потрошувачките права, тука исто се опфатени и јавните претпријатија како водовод итн. Бројни се и преставките кои се однесуваат на работните односи, во областа на заштитата на детските права и други преставки кои се поврзани со пандемијата, рече Зибери.
Тој откри дека канцеларијата на Народниот правобранител направила анализа за тоа како се почитуваат препораките на правобранителот за подобрување на состојбата, и дошле до интересен заклучок.
Органите на извршната управа кои имаат надлежности во правосудството, обвинителството, министерството за внатрешни работи се најмалку кооперативни и најмалку ги почитуваат препораките. Органите од социјалната заштита се покооперативни и ги почитуваат препораките на правобранителот, рече Зибери.
Во врска со бројните преставки кои Народниот правобранител ги доби за одвивањето на наставата со физичко присуство, Зибери вели дека комуницираат со Министерството за образование и даваат предлози како да се надминат посочените проблеми.
Имаше преставки дека бројот на ученици е преголем, дека просторните услови не дозволуваат одржување на пропишаната дистанца, дека постојаното носење на маските кај некои ученици создава алергиски реакции, дека се создава метеж пред училиштата поради бројните протоколи, рече Зибери.
Според него, Министерството за образование постојано се правда дека препораките ги утврдува Комисијата за заразни болести а владата ги усвојува и тие се должни да ги спроведуваат.
Омбдусманот Зибери при гостувањето во Утринска на Телма рече дека кај нив пристигнуваат претставки од граѓани во врска со пописот, дел од граѓаните сметаат дека не е во ред во недела кога е ден за одмор, да ги посетуваат попишувачи.