Владата ќе чека да завршат изборите за да ги заштити граѓаните од ценовните шокови кои компаниите веќе ги најавија. Брашното, лебот, маслото за јадење, но и другите основни намирници се први на удар, поради повисоките трошоци за струја и транспорт на компаниите, но и повисоките цени на светските берзи. Вицепремиерот Битиќи најави мерки, но дури откако ќе заврши изборниот процес.
Ги следиме бурно состојбите, за жал морам да кажам тоа што секоја година имаме изборни процеси, не секогаш сме во можност да реагираме тогаш кога е најпотребно затоа што различно се толкуваат нашите одлуки. Но да ние планираме и разговараме секојдневно со сите чинители после изборните процеси веќе да преземеме одредени мерки, но не би сакал денеска да зборувам
Битиќи смета дека граѓаните не треба да стравуваат бидејќи во моментов се е под контрола – и цените и инфлацијата.
Мислам дека во овој момент е под контрола и од аспект на поскапување на цени и од аспект на инфлацијата. Мислам дека граѓаните не би требале во овој момент да бидат загрижени бидејќи сите показатели укажуваат дека нема да имаме такви ценовни шокови кои што можат да влијаат. Но еве да ги почекаме да завршат локалните избори и ќе зборуваме за многу подобри работи тогаш.
Народната банка предупреди дека инфлацијата во земјава е повисока од очекувањата. Од јануари до август, во просек годишниот раст на цените е 2,7 отсто. А растот на цените се очекува да продолжи заради неизвесноста на странските пазари. Проекцијата пак на владата е годинава да ја завршиме со инфлација од 2,1 процент.
Александра Филиповска