23 милиони вработени Италијанци имаат рок до 15-ти октомври да се вакцинираат против ковид. Од тогаш кога ќе дојдат на работното место ќе мора да го покажат сертификатот или „зелениот пасош“, во спротивно ќе бидат суспендирани од работа или ќе платат казна од 1.500-тини евра, но нема да бидат отпуштани. За работодавецот казната е илјада евра. Освен доказ дека примиле вакцина, може да се покаже и потврда за неодамна прележан ковид, а оние кои не можат да се вакцинираат од медициснки причини ќе можат да покажат негативен ПЦР тест. Целта на мерката е да ги заштити бизнисите, да се избегнат строгите заклучувања или локдауни за време на есенскиот и зимскиот период.
Ова го правиме од две важни причини: прво, работните места да ги направиме побезбедни, бидејќи „Зелениот пасош“ е алатка за слобода која го прави работното место безбедно, и втора причина е да ја засилиме кампањата за вакцинација, изјави РОБЕРТО СПЕРАНЦА, МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО НА ИТАЛИЈА
Слични мерки воведоа Словенија и Грција, но италијанската економија која е трета во Европа е на поголем удар и земјата не може да си дозволи нов карантин кога болеста или новите соеви ќе се шират меѓу невакцинираните. Училиштата во земјата, во понеделникот ги отворија вратите за учениците. Условот беше сите вработени во образованието, од наставници, хигиеничарки, па дури и луѓето кои ја подготвуваат училишната храна да се вакцинирани. За наставниците ова не беше никаков проблем, но стравуваат дека сепак болеста ќе се шири во преполните училници, затоа што вакцина за учениците не се бара.
Ние сакаме да се вратиме на физичко присуство, но загрижени сме поради фактот дека знаеме дека заразата се шири многу лесно меѓу учениците, поради фактот што имаме преполни училници. Имаме класови каде нема да има социјална дистанца. Законот дозволува учениците да се дружат, вели КРИСТИНА КОСТАРЕЛИ, ДИРЕКТОРКА НА СРЕДНО УЧИЛИШТЕ „ИСАК ЊУТН“
Учениците се среќни што по две години се гледаат, но и тие стравуваат од ширење на инфекцијата. Сепак, според податоците, учењето на далечина покажало дека тие заостануваат една година во совладување на материјалот. Во Италија, речиси 75% од населението над 12 години е имунизирано со барем една доза ковид вакцина. Но, експертите се загрижени дека многу луѓе во возрасната група од 50 до 69 години се уште не примиле вакцина, а не се ни пријавиле.
Алиса Шутиноска