Заостануваме зад договореното од Париската конференција за климатските промени, пред 6 години. На следната во ноемри во Глазгов, целта е да ги поттикнеме владите да не дозволат зголемување на температурата повеќе од 1, 5 степени и да се намалат емисите на штетни гасови до нула, рече британската амбасадорка, отворајќи ја изложбата „Допирот“.
Важен ни е ноември за владите да ги засилат напорите, колку и да се тие големи. Но, исто така, потребно е граѓаните да го сменат однесувањето и да ги притиснат нивните влади, да реагираат. И уметниците и креативците имаат таква способност да влијаат во тие разговори, изјави амбасадорката Рејчел Галовеј.
Мрежа од свилени кожурци, платна од распнати бели глувци и кафези со живи црни глувци, го чинат проектот „Silencio Pathologia“, со кој на изложбата се претстави Елпида Хаџи-Василева. Со истиот проект таа не претставуваше на Венециското биенале, 2013 година. Сега за прв пат пред јавноста е нејзиниот лавиринт, чија идеја за преносот на чумата во 14 век од Истокот кон Западот, преку Патот на свилата, се поврзува со актуелната пандемија со Ковид-19.
Актуелното денес е вирусот, како тој се пренесува и како може брзо да не уништи. Се надевам дека сите што ќе го посетат ова дело ќе почнат малку да размислуваат за нашата егзистенција, екологија, порача Хаџи-Василева.
Учествуваат и Велимир Жерновски и Кристина Пулејкова, како и 5 британски уметници, кои заради пандемијата не дојдоа на отворањето. Тие се осврнуваат на други теми.
Тука имаме и урбанистичко планирање, уништување на природните ресурси, историја, архивирање, политика, миграции, медицинска индустрија, пренесување на болести, идентитети се исто така присутни., вели кураторката на изложбата Ана Франговска
Изложбата во „Мала станица“ ќе биде отворена до 15 октомври.
Сотир Трајков