Изложба на истакнатиот скулптор Петар Хаџи Бошков, во сабота ќе биде отворена на археолошкиот локалитет Стоби. Преку поставката се преиспитува врската меѓу античката и модерната уметност. И се исполнува желбата на авторот неговите дела да бидат прикажани на отворен простор.
За прв пат на нашата ликовна сцена, дела наменети за галериски , ќе бидат изложени на отворен простор, вели директорот на НУ Стоби, за изложбата на Петар Хаџи Бошков, кој важи за една од најрепрезентативните личности на нашата ликовна сцена.
- До сега во Македонија, јас не сум бил сведок на слична изложба. Изложбата на Петар Хаџи Бошков ја планираме веќе две години. Идејата за изложба на отворен простор од старт звучи малку чудно, затоа што тоа се скулптури, наменети за галериски простор- Спасе Перовски- директор на НУ Стоби.
Изложбата е дел од програмата „ Стоби- жив град“. Таа не е постхумна ретроспектива на Хаџи Бошков, туку можност за разгледување на културното наследство на Стоби и увид во различни фази од творештвото на авторот, реализирани меѓу 1962 и 2004 година. Низ четириесетина негови скулптури се преиспитува врската меѓу антиката и модерното.
- Ние ги поставивме на 24 локации на број, или пунктови, самостојно или во групи. Делата кои на некој начин отвораат прашања кои се взаемни. Да се оствари некаква комуникација- Владимир Јанчевски- куратор и автор на изложбата.
- Ова би била фасцинантна идеја и за него. Меѓутоа не е само просторот во прашање, туку и локалитетот Стоби. Неговите скулптури се баш инспирирани од античката култура, особено од античката грчка култура. Така што , ова е некој вид не само на синтеза, туку и навраќање, омаж- Игор Хаџи Бошков- син на Петар Хаџи Бошков.
Изложбата ќе биде отворена до 11 Октомври, а во случај на ветер или дожд, направен е план за заштита на делата од тим конзерватори.
Сотир Трајков