Скандалозното однесување во основното училиште Лазо Ангеловски (Ново Лисиче, Аеродром) за кое алармираа повеќе вработени жени кои биле малтретирани и сексуално вознемирувани од директорот на училиштето привремено е решено по жалба пред суд, со повеќе изречени мерки за забрана.
Граѓанскиот суд во Скопје утврди постоење на насилство од страна на директорот на ООУ Лазо Ангеловски во Скопје кон вработена во истото училиште, соопштија од коалицијата Маргини. Пресудата е резултат на тригодишна борба на вработената преку нејзиниот полномошник, адвокатката Марта Гусар.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2019 објавија извештај (достапен на следниот линк: http://coalition.org.mk/archives/11022) во кои побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот на ООУ Лазо Ангеловски, во интерес на децата, учениците и вработените во најголемото основно училиште во државата. И покрај сите укажувања, директорот сѐ уште е на својата позиција во училиштето, а вработената во текот на оваа година добила отказ.
Вработената во ова училиште, после сите обиди да ги заштити нејзините права на ден 25.02.2021 година преку адвокатката Марта Гусар, до Основен Граѓански суд Скопје, поднесува Предлог за изрекување на времени мерки за заштита од родово базирано насилство – домашно насилство, поддржано и од страна на ЈУМЦСР на Град Скопје со предлог за изрекување на времени мерки за заштита, против директорот Перо Арсеновски од Скопје.
По спроведување на судска постапка од страна на судот констатирано е постоење на насилство од страна на Перо Арсеновски со што изрешени се времени мерки за заштита од семејно – домашно насилство, како спрема вработената, така и спрема членовите на нејзиното семејство и двете малолетни деца кои впрочем се ученици во истото училиште.
Изречени мерки се следниве:
- Му се забранува на Перо Арсеновски да се заканува дека ќе стори семејно насилство;
- Му се забранува на Перо Арсеновски да ја малтретира, вознемирува и да врши семејно насилство врз неа;
- Му се забранува да ја вознемирува и телефонира;
- Му се забранува да ги вознемирува членовите на нејзинот семејство, и двете малолетни деца.
Времените мерки се изречени за период од 6 месеци, почнувајчи од 02.09.2021 година, а жалабата не го одлага извршувањето на ова решение.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравуваат оваа одлука на Граѓанскиот суд во Скопје и ги потсетуваат институциите, особено локалната власт, дека образовните институции и средини не смеат да го толерираат, игнорираат, а уште повеќе поддржуваат родово заснованото насилство.
Во скандалот, повеќе жени, вработени во училиштето, но и мајки на ученици пријавуваа и предупредуваа на недолично однесување на директорот, а имаше и сведочења за сексуално вознемирување.
Дел од сведочењата се содржани и во емисиите КОД каде беа објавени новинарски истражувања за проблемите во ОУ Лазо Ангеловски.