Во објектот „ Мала станица“ , при Националната галерија на Македонија, на 15 септември ќе биде отворена меѓународната изложба , насловена „ Допирот“. Изложбата ќе претстави ангажирани дела во различни медиуми, на тема заштита на животната средина, но и екологијата воопшто. Низ специфичните авторски поетики застапени се и теми за политиката, надмоќта на човекот, капитализмот, медицинската индустрија, колонизацијата, деколонизацијата, еднаквоста, човековите права и сл.
Изложбата е организирана во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“, под кураторство на Ана Франговска.
Покрај мошне значајниот избор на дела со подвижни слики од британската визуелна сцена (компилација составена од дела на Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бен Риверс, сите сопственост на „Лукс“, како и делото од колекцијата на Британскиот совет на Бедвир Вилијамс), изложбата ги вклучува и македонските автори: Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи- Василева. Таа ја претставуваше Македонија на Венециското биенале во 2013 година, а го претставуваше и Ватикан на истата престижна светска манифестација , две години подоцна.