Вести Свет

ЦРНА ГОРА: Насилни судири и устоличен новиот митрополит на СПЦ кој беше донесен со хеликоптер на Цетиње

Од рано утрово на повеќе локации во и околу Цетиње имаше големи судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се противат на устоличувањето на новиот митрополит Јоаникије во Цетиње. Градот под Ловќен инаку за сите Црногорци е престолнина поради историската важност на Цетиње каде со векови било седиштето на црногорското кралство и на православната црква.

Демонстрантите на кои им се придружија и членови на опозиционата ДПС на актуелниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ се противат на устоличувањето на митрополитот на СПЦ во Цетиње затоа што сметаат дека на тој начин се одзема црногорската независност.

Поставија повеќе блокади на приодите кон Цетиње на кои во текот на ноќта и рано утрово имаше судири со полицијата. На една барикада се запалени и наредени гуми на патот. Полицијата употреби и солзавец против демонстрантите кои се обидуваа да стигнат од Цетиње до манастирот во овој град во кој се одвива процесот на устоличување на Јоаникије.

Во инцидентите се повредени повеќе демонстранти и седум полицајци, а приведени се 14-мина, јавуваат црногорските медиуми. Блокадите започнаа во текот на вчерашниот ден, додека во Подгорица се одржа церемеонија на која покрај новиот поглавар на Црногорско-приморската епархија на СПЦ говореше и поглаварот на Српската православна црква патријархот Порфирије.

СПЦ не се откажа од церемонијата во Цетиње и покрај барањата на политичките претставници на Црна Гора кои во текот на ноќта одржаа и совет за безбедност. Откако заврши состанокот почнаа акциите за отстранување на барикадите околу Цетиње.

Во Цетиње е уапсен и советник за безбедност на претседателот на Црна Гора Ѓукановиќ, а за уапсениот, актуелниот премиер Кривокапиќ и шефот на безбедносните служби Дритан Абазовиќ посочија дека организирал напад врз полицајците по што почнале инцидентите во Цетиње.

Инцидентите и полицијата ги осудија претставниците на опозицијата и граѓански активисти кои сметаат дека на овој начин е оневозможено правото на протест и се удрило врз црногорскиот народ кој се противел церемонијата да се одржи на Цетиње.

Властите предводени од премиерот Миодраг Кривокапиќ инцидентите и барикадите ги оценија како обид за терористички акции на стотина луѓе предводени од партијата на Ѓукановиќ, која три децении владееше со Црна Гора до ланските избори кога опозиционите партии со голема помош на тогашниот митрополит Амфилохије успеаја да обезбедата мнозинство во парламентот.

Граѓански активисти и експерти сметаат дека одлуката на црногорските власти да ја одобрат церемонијата на СПЦ и покрај големите безбедносни закани е донесена по налог од Белград и дека наскоро во владата во Подгорица ќе влезат и претставници на просрпскиот Демократски фронт.

Странските претставници и амбасадата на САД повикаа на итно смирување на состојбата,  почитување и на правото на вероисповед и на правото на слободно собирање кое треба да биде обезбедено од државните органи, а упатија повик да „не се покажува со прст за одговорност, а на крајот поединци ќе одговараат за своите постапки“. –Граѓаните да не искажуваат бес кон полицијата додека таа воспоставува јавен ред и мир, а полицијата да користи само неопходни средства за тоа, соопштија рано утрово од амбасадата на САД во Подгорица и ги повикаа сите кои ја подржуваат мултиетничка и демократска Црна Гора да ги смират моменталните тензии.

Црквените великодостојници на СПЦ всушност даваа најсмирени изјави во текот на кризата но не се откажаа од церемонијата во Цетиње. На крај рано утрово, патријархот Порфирије и митрополитот Јоаникије во Цетиње беа донесени со хеликоптер и со голема и тешко воорижена полициска заштита. Останатиот клер тргна со автобуси на церемонијата но беше вратен.

И додека во цело Цетиње имаше нереди, инциденти, шок бомби и солзавци, во цетинскиот манастир се изврши устоличувањето со пораки за мир и за надминување на поделбите, иако токму таа церемонија ги „вжешти“ поделбите во Црна Гора.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Абдулахи: Секоја пречка што ја ставаат политички партии, се мотив и енергија за независните

Дејан Дејан

Пеплоасни 15-на хекари зимзелена и нискостеблеста шума во пожарот кај Кочани

Дејан Дејан

Илиевска: Ако во 2017 година не нè перцепирале нас независните, денес се фокусирани да направат сè да не успееме

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе