Њујорк и Њу Џерси беа последни на патот на ураганот Ајда пред да ја намали силата и да премине во тропска бура. Но, неговиот удар врз Њујорк беше катастрофален. За еден час во Менхетен наврнаа рекордни 80 милиметри дожд. Луѓето немаа време за повлекување, панично возеа да се вратат во своите домови, некои од нив заглавија во возилата. Водата неконтолирано излегуваше од уличните шахти, навлезе и во метрото, но и во многу домови и згради, а станарите со вода до колена чекаа да дојдат на ред за пожарникарите со црева да почнат да ја извлекуваат. Силината на водата беше кобна за седум луѓе кои останаа заглавени во подрумите, и за нив немаше спас. Пронајдено беше и тело на двегодишно дете, и постар човек и со тоа бројакта на загинати порасна на девет. За властите на Њујорк, ова е историско невреме со брутални поплави, поради што е прогласена вонредна состојба. Над пети илјади домаќинства немаат струја. Во градот е забрането движење, сите метро линии се затворени, а голем дел од авионските летови откажани.
Ураганот Ајда силно ја погоди и сојузната држава Луизијана. Она што Ајда го остави зад себе се речиси целосно уништени мали гратчиња. Тука се уште е на сила полицискиот час, откако Њу Орлеанс ги доживеа катастрофалните поплави. Проценката е дека 90% од домовите се оштетени.
Ниту европскиот континент не е поштеден од климатските промени. Шпанија синоќа беше на удар на силни поројни дождови. Илјадници домови останаа без струја, а прекинат беше патниот и железничкиот сообраќај. За овие катастрофални поплави низ светот придонесуваат многу фактори, а најмногу затоплувањето на атсмоферата, предупредуваат научниците. Ако не се намалат емисиите ни следуваат екстремни временски услови.
Но, лошата вест е што економските загуби рапидно се зголемуваат, и овој раст ќе трае. Ќе сведочиме за многу климатски екстреми поради климатските промени, и овие негативни трендови кај климата ќе продолжат во наредните декади. Но, ако сме успешни во ублажувањето на климата, овие негативни трендови би ги стопирале околу 2060-тата, вели Петери Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација.
Според Светската метеоролошка организација, временските катастрофи го погодуваат светот пет пати почесто, а предизвикуваат штета седум пати повеќе од 1970-те години на минатиот век.
Алиса Шутиноска