Шесеет загинати и 140 ранети, ова е билансот на жртвите во двете експлозии кои попладнево одекнаа пред аеродромот во Кабул, јавува Би-Би-Си. Меѓу жртвите се и 12 американски војници – 11 маринци и лекар во морнарицата, ова се првите жртви на американската војска во Авганистан од февруари 2020 година. Една од експлозиите се случила на еден од влезовите на аеродромот, а друга кај блискиот хотел.
Дописникот на Раша тудеј на твитер напиша „одекна трета експлозија во Кабул“, доколку инфомрацијата се потврди, тоа ќе биде трет напад денеска. Во Кабул се уште се слушаат истрели. Самоубиствените напади се случија меѓу големата толпа на луѓе кои со денови чекаат пред аеродромот во обид да го напуштата Авганиста кој падна под власт на талибанците. На последните видео кои пристигнуваат од оттаму се гледа како настраданите самите Авганистанци ги пренесуваат во болница.
Експлозијата се случи надвор од аеродромот, близу каналот- Мохамед Садик, ранет.
Западните земји предходно предупредуваа дека се подготвува можен напад на аеродромот, каде деновиве се се поретки авионите кои превезуваат бегалци. Според првичните информации било пукано кон италијанскиот авион кој бил на полетување, но подоцна оваа информација беше демантирана. Безбедносните служби јавија дека биле испалени неколку куршуми во воздух да се смири масата луѓе кои се обидуваат да влезат во аеродромот.
Вината за нападите насочени кон толпата падне врз Исламска држава, а не врз Талибанците, кои беа распоредени на портите на аеродромот обидувајќи се да ја контролираат масата луѓе. Тие ги осудија нападите и ветија дека ќе ги казнат виновниците.
Експлозиите се случија само неколку часа откако западните земји предупредија дека би можело да дојде до терористички напад, во периодот кога повеќето европски земји јавија дека завршиле со евакуацијата од Авганистан, како Белгија, Данска и Полска, а и последниот германски авион полета попладнево. Осуди за нападот стигнуваат од сите светски лидери.
Не ги знаеме сите детали, но цел на терористите се цивилите кои чекаа пред влезот на аеродромот со надеж дека ќе заминат. Бараат сигурност и слобода за себе и затоа ова е апсолутно ужасен напад во многу напната ситуација и мислам на жртвите и нивните семејства- Ангела Меркел, Канцеларка на Германија.
Во меѓувреме порпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, во интервју за Њујорк Тајмс потврди дека музиката повторно ќе биде забранета во Авганистан, но за разлика од 90-те овој пат ќе се обидат да ги едуцираат луѓето, наместо да ги присилат да го почитуваат исламскиот закон. Тој ги отфрли како неосновани обвинувањата на западот за укинувањето на правата на жените во земјата.
Билјана Ставрова